Фирмата во која сопственик бил Дамјан Манчевски, потпретседателот на СДСМ, не ги исполнувала условите од огласот за јавна набавка за паркинзите, изјави денеска Илија Димовски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Интегрален текст од прес конференцијата на Димовски
Денес се отвара нова и за жал пострашна страна од тендерскиот скандал со паркинзите во Куманово. Штом документите ги имаме пред себе, тогаш полесно е да се видат сите проблематични и за нас коруптивни аспекти од оваа набавка.
Прво, еве го договорот што скопската Метропаркингплус го потпишува со општинското јавно претпријатие Куманово – Паркинг. На него стои потписот од Дамјан Манчевски, поранешен шеф на кабинет на Радмила Шекеринска, а сегашен Потпретседател на СДСМ. Значи ова е утврдено. Нема бегање. Манчевски учествувал во оваа набавка.
Второ. Еве го известувањето од склучениот договор за јавна набавка, објавено од Бирото за јавни набавки, каде јасно стои дека вредноста на овој договор е 22.892.000 денари, со вклучен ДДВ. И ова е јасно. Ова е валиден државен документ.
Трето, еве го огласот за доделување на договор за јавна набавка за паркинзите. Во него како услови за фирмата за доделување на оваа набавка, меѓу другите, стојат следните:
– во последните три години да остварил обрт од најмалку 15 милиони денари годишно;
– да врши или да вршел услуги на паркинг за зонско паркирање во најмалку 5 града.
Овие услови не ги исполнува фирмата во која сопственик бил Дамјан Манчевски. Таа фирма ниту имала обрт од 15 милиони денари годишно, во последните три години, затоа што не ни постоела толку долго, ниту пак вршела услуги на паркинг за зонско паркирање во најмалку 5 града.
Ако фирмата Метропаркингплус ДОО Скопје учествувала сама во оваа набавка или пак со фирмата Т – Тим Плус ДОО Скопје, како што и го имаат потпишано договорот од 28.02.2011 година, никогаш немало да се квалификуваат, а не па да работат по овој тендер.
Што направиле? Доставиле понуда во која носител е фирмата Метропаркинг ДОО Белград, а во понудата фигурираат уште шест други фирми, со цел да ги исполнат критериумите на огласот. Во таа групна понуда фирмата Метропаркингплус е квалификувана како преставништво кое, потенцирам, ќе биде инволвирано во дневните оперативни работи на системот.
Во таа понуда има овластување од сите седум фирми токму за Дамјан Манчевски, дека е тоа лице ќе ги извршува сите деловни активности за и во име на групата на било која страна и на сите страни од групата на понудувачи во текот на постапката за доделување на договор за јавна набавка и во текот на изврушување на договорот во случај да бидат избрани за носители на набавката. Воедно, лицето е овластено да ја поднесе понудата. Значи Дамјан Манчевски е лицето кое ги има сите овластувања.
Но, после склучувањето на основниот договор од 28.01.2011 година, Метропаркинг ДОО Белград, на веќе завршен тендер и веќе склучен договор, го известува општинското јавно претпријатие дека фирмата Метропаркингплус ДОО Скопје е овластена за исполнување на обврските од Договорот во секојдневното работење, комуникација, техничко поврзување, финансиско работење (уплати и исплати), како и сите други активности кои ќе произлезат при спроведување на Договорот.
Ова во превод значи дека сите активност околу тендерот неа ги превзема Метропаркингплус ДОО Скопје и Т – Тим Плус ДОО Скопје, што подоцна и на некој начин се верификува со новиот договор од 28.02.2011 година.
Заради сето ова, имаме неколку прашања:
Дали поставените критериуми во Куманово, посебно во делот дека фирма која може да конкурира мора да има вршено или да врши услуги на паркинг за зонско паркирање во најмалку 5 града, има заднина? Посебно знаејќи го фактот дека тешко може да се најдат такви фирми во Македонија.
Дали целата група на фирми е составена само за да се задоволат критериумите на повикот, а на крај сепак набавката да ја врши и извршува фирмата Метропаркингплус ДОО Скопје, која никако не би можела да се квалификува на оваа набавка?
Зошто во изјавата на понудувачот дека настапува во група на понудувачи не стои она што подоцна го прават, дека сите активности ќе ги превзема скопската Метропаркингплус?
Прашањата се коректни и имаат за цел да се пронајде целата вистина околу оваа набавка. Немаме намера на никому да му го спориме законското право да работи или да учествува во набавки, но кога во тоа е вклучена личност која извршува и извршувала високи политички функции во СДСМ, посебно ако станува збор за институција каде пак раководители се од истата партија, тогаш јавноста мора да биде информирана.
Дополнително, еве уште едно бонус прашање. Ова е за градоначалникот на Куманово, Зоран Дамјановски – Циц. Зошто од кога е распишан тендерот, се променети условите на тендерот, односно избришана е обврската фирмата која ќе го добиде тендерот да приложи 5% гаранција за квалитетно извршување на набавката? Дали и ова е случајно, како и се што досега ви прикажавме?
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Димовски: Вие одлучивте во овој мандат да не се гради Клинички центар
-
Илија Димовски: Доколку се заврши оваа процедура, одговорно тврдам дека покрај Преамбулата, во Уставот ќе бидат променети најмалку 51 член (видео)
-
Нов закон за висока раководна служба: Јасни критериуми при изборот и разрешувањето на раководители во институциите
-
Со зборови на СДСМ, дури кога режимот бил пуштен на најјако, вака не било