| четврток, 6 декември 2018 |

Започнува најдобриот дел од Лигата на шампионите

Вечерашните гости Јувентус и ПСЖ се фаворити во првите осминафинални средби од натпреварувањето кое ќе доживее кулминација на 25 мај на Вембли

Со натпреварите Селтик-Јувентус и Валенсија-ПСЖ, обата во редовниот термин (20.45) вечерва ќе биде отворен најатрактивниот дел од 21. сезона во Лигата на Европските фудбалски шампиони. Од денеска, па безмалку до крајот на мај, финалето е закажано за 25 мај на Вембли, фудбалскиот свет ќе биде постојано под влијание на најсилното, најквалитетното и секако, најбогатото клубско натпреварување на светот.

Во првата елиминациска фаза го нема бранителот на пехарот од лани, Челзи, но затоа тука се сите влијателни од големите лиги и екипите кои, и пред почетокот на ова издание (58 заедно со КЕШ), беа вбројувани како можни кандидати за најпрестижниот пехар на денешницата.

Во денешните средби гостите се фаворизирани. Јувентус оди во Шкотска кај Селтик и сите освен тренерот Антонио Конте го гледаат италијанскиот лидер како тим кој е поблиску до победата.

– Селтик напредува во последните месеци, а особено е опасен како домаќин, бидејќи публиката е нивниот 12 играч. Свесни сме дека ќе бидат максимално жестоки. Нема многу тимовите на светот кои можат да ја победат Барселона дома, а на гостински терен да изгубат толку тешко– резервиран е Конте.

На Местаља треба да има повеќе борба и неизвесност бидејќи Валенсија е сепак претставник на Светскиот и Европскиот репрезентативен првак, Шпанија, но Пари Сен Жермен веќе создаде екипа за најголеми дострели. За гостите нема да играат Тијаго Силва и Тијаго Мота, а нема да настапи ниту Дејвид Бекам. Сите погледи се насочени кон Златан Ибрахимовиќ кој сезонава неколку пати нудеше магија.

-Отсуствата се непријатни, но ние можеме да се справиме без секого бидејќи екипата е избалансирана-рече тренерот на ПСЖ Карло Анчелоти кому традиционално не му одговара тоа што сите го прогласија неговиот тим за апсолутен фаворит.

Лига на шампиони-1/8 финале:

Селтик-Јувентус (денеска)

Валенсија-ПСЖ (денеска)

Реал мадрид-Манчестер Јунајтед (утре)

Шахтјор-Борусија Дортмунд (утре)

Арсенал-Баерн (19 февруари)

Порто-Малага (19 февруари)

Милан-Барселона (20 февруари)

Галатасарај-Шалке (20 февруари)

Реваншите од осминафиналето во ЛШ се на терените на гостите од првите средби во периодот од 5 до 13 март.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top