Една од најпознатите македонски групи, „Нокаут“, овој петок, 14 февруари, ќе одржи голем концерт во „Експо центарот“ во Скопје.
На денешното дружење со менаџментот на „Експо центар“, клубот „XO“ и бар-лаунџот „XS“ беше најавена агендата за следните настапи во сите овие места.
Како претставник на „Нокаут“ беше пристуен Владимир Крстевски – Франц, кој рече дека ова е последен концерт во Скопје во догледно време. Групата ќе прави пауза од настапи и ќе се концентрира на создавање музика.
– Не сакаме да претераме и да нѐ има премногу. Сепак, не можевме да ја одбиеме оваа понуда на „Експо центар“ бидејќи, сепак, „Нокаут“ и Денот на вљубените некако одат еден со друг. Но, ова е последен концерт за оваа година, следниот ќе биде евентуално на крајот на годинава, но многу поверојатно дури во 2015 година – вели Франц.
На концертот ќе се пеат нивните познати балади, а Франц најави и неколку изненадувања, меѓу другото, дека ќе бидат присутни и сите негови колеги од „Танц со ѕвездите“.
Влезниците со промотивна цена од 200 денари се веќе пуштени во претпродажба во Југотон, Камарад Рамстор, Цвеќарница Розе Веро2 и Супер Тобако Лептокарија, а на највљубените „Експо центар“ им овозможува дуплекс карти по цена од 300 денари. Вечерта на самиот концерт на вратата на Експо влезниците ќе чинат 250 денари. Прославата на денот на љубовта и виното со „Нокаут“ ќе почне в петок на полноќ.
Дарен Емерсон повторно во Скопје
В сабота во „Експо центар“, пак, гостува поранешниот водач на легендарните „Андерворлд“, лондонскиот суперстар диџеј Дарен Емерсон.
Тој важи за еден од најреволуционерните диџеи на денешницата кој својата професионална кариера ја почна уште на 14-годишна возраст со миксови на хипхоп-песни, а две години подоцна стана резидент-диџеј во локалните клубови. Со „Андерворлд“ го направија големиот хит „Борн слипи“, кој се најде на саундтракот за филмот „Трејнспотинг“ на Дени Бојл. Емерсон беше вклучен и во ремикс-изданија на интернационални изведувачи, меѓу кои се Кемикал Брадрс и Бјорк. Неговата соло-кариера како диџеј и ремиксер му донесе многу успеси, а на Ибица, островот на забавата, има резервирано свои вечери за забава.
Влезниците и за овој настан се веќе пуштени во претпродажба на истите продажни места како за концертот на „Нокаут“, по суперпромотивна цена од 200 денари, в петок и сабота истите ќе чинат 250 денари. На вратата на „Експо центар“ в сабота ќе изнесуваат 300 денари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.