Со мерката субвенционирање на вработување на млади лица до 29 години- прва шанса, како и мерките обука кај познат работодавач со субвенционирано вработување и обука за побарувани занимања на пазарот на труд од сообраќајна структура, дополнително ќе се преземаат активности за намалување невработеноста во земјава, најавија денеска министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, и директорот на Агенцијата за вработување на Македонија, Влатко Поповски.
– Во новиот оперативен план за активни програми и мерки за вработување за 2014-та година за прв пат се воведува мерката субвенционирање на вработување на млади лица до 29 години- прва шанса. Целта на оваа пилот- мерка е да обезбеди побрз премин на дипломирани млади лица од образовниот процес до вработување кои завршиле високо образование во студиската 2012-2013 година и се невработени лица активни баратели на работа – рече денеска Спасов.
Тој нагласи дека за реализација на оваа мерка се предвидени еден милион и 170 илјади денари од Буџетот на Македонија.
Поддршката, како што нагласи тој, ќе се обезбеди преку субвенционирање на вработување по моделот три плус шест, кој што предвидува три месеци субвенционирано вработување со полно работно време и шест месеци обврска на работодавачите да го задржи на работа.
Министерот Спасов најави и две нови мерки кои што се однесуваат на обука кај познат работодавач со субвенционирано вработување и обука за побаруваните занимања на пазарот на труд од сообраќајната струка.
– Целта на првата мерка обука кај познат работодавач со субвенционирано вработување е 170 невработени лица од евиденцијата на активни баратели на работата во АВРМ да стекнат дополнително ниво на знаења и вештини согласно утврдените потреби за работни места- појасни Спасов.
За оваа мерка, како што нагласи тој, се предвидени девет милиони 537 илјади денари од буџетот на Македонија.
Приоритет за вклучување во оваа мерка ќе имаат лицата на возраст од 50 до 59 години, младите луѓе до 29 години со завршено основно и средно образование, како и долгорочно невработени лица.
Втората пилот мерка, која што денеска беше најавена, се однесува на обука за побарувани занимања на пазарот на труд од сообраќајната струка.
Лицата кои успешно ќе ја завршат обуката, ќе се стекнат со право да полагаат за возачки испит во лиценцирани испитни центри. Лицата кои ќе се здобијат со возачка дозвола за Д категорија три месеци по полагањето на возачкиот испит, ќе имаат можност да се вработат кај заинтересирани работодавачи.
Спасов на крајот потенцираше дека не постојат еднократни решенија за намалување на невработеноста, но задача на Владата е истата системски да ја намалува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.



