Со дуелите меѓу Чешка и Шведска и Летонија – Швајцарија, вечерва во Сочи почнува машкиот олимписки турнир во хокеј, веројатно најсилното натпреварување во историјата на Зимските Игри. Елитата од НХЛ лигата, која важи за број еден во светот на хокејот допатува во Русија и покрај отпорот на сопствениците на клубовите. Веројатно за последен пат најдобрите хокеари на планетата што играат во северноамериканската професионална лига ќе бидат учесници на ЗОИ, иако менаџерите на НХЛ лигата најавуваат дека ќе сторат се да продолжи одисејата и во 2018 година на Игрите во Јужна Кореа.
Во Сочи златниот медал ќе го брани Канада, најтрофејната нација со 8 шампионски круни. Популарниот „Sid the Kid“, Сидни Крозби повторно ќе ја предводи златната генерација на канаѓаните, но овојпат задачата ќе биде потешка од мисијата во Ванкувер пред 4 години. На домашен мраз, во полн состав со дузина светски ѕвезди Русија има свои адути, а очекувањата се дека ќе гледаме мега-спектакл за златен медал меѓу домаќинот на Игрите и Канада.
Еве неколку интересни детали што го чинат машкиот хокеарски турнир една од најинтересните дисциплини во Сочи.
1. Како ќе се снајдат НХЛ ѕвездите во поинакви услови, на поширок и подолг терен?
Европските правила за игра со поинакви димензии на терените според експертите ќе бидат проблем за сите хокеари што доаѓаат од НХЛ лигата. терените се пошироки и подолги, што би требало да биде предност за побрзите и поснаодливите хокеари, какви што се тандемите на Русија, Овечкин и Коваљчук, односно шведското дуо Карлсон и Хагелин. Поинаквите димензии за игра, го стеснуваат просторот за физички контакти, на што се навикнати ѕвездите од НХЛ. Се потенцира дека ова би требало да биде проблематично особено за неевропските селекции како Канада и САД, но и останатите селекции од Европа кои се кандидати за медали како Русија, Шведска, Чешка, Словачка, Финска…имаат состави преполни со НХЛ играчи.
2. Моќната „црвена машина“ Русија на домашен терен главен фаворит за златото
Легендарниот голман на СССР, Владимир Третјак кој е претседател на руската хокеарска федерација одигра значајна улога за Русија да настапи на турнирот со страшно добар состав. Овечкин, Малкин, Коваљчук, Дацјук, Никушкин, Тарасенко и уште цела низа НХЛ ѕвезди се собраа во Сочи, со цел да го освојат златото. Домаќините велат дека немале подобар состав од легендарниот на СССР, кога заедно играше големото „KLM“ трио, Крутов, Ларионов и Макаров. Русите се опасни, брзи, моќни, динамични, со подеднакво добри три постави што им дава надеж на домаќините дека ќе се радуваат на златниот медал. Канада има еднакво добар тим предводена од Крозби, Марло, Гецлаф, Луонго, Шарп, Душене и уште многу познати НХЛ играчи. Зад нив како фаворити од сенка се Швеѓаните, Американците, потоа и Чешка, Словачка, Финска…
3. Сите го очекуваат дуелот за злато меѓу Крозби и Овечкин, пандан на НБА ривалитетот меѓу Меџик и Лери Бирд
Сите со нетрпение очекуваат нов дуел меѓу Крозби и Овечкин, веројатно двајцата најдобри хокеари на денешницата. Тие се од иста генерација, важат за големи НХЛ ѕвезди, а засега поуспешен барем според резултатите е Канаѓанецот Крозби. Тој има злато со Канада од Игрите во Ванкувер 2010, има и шампионска титула со Питсбург во НХЛ, но Овечкин е уникат и може да го израмни скорот, барем што се однесува до златните медали на ЗОИ. Нивниот ривалитет беше најавен, како пандан на легендарните дуели на Меџик Џонсон и Лери Бирд во осумдесетите години од минатиот век во НБА лигата.
4. Последниот олимписки танц на НХЛ ѕвездите?
Игрите во Сочи се најавени како последен танц на олимпискиот мраз на НХЛ ѕвездите. Сопствениците на клубовите во оваа лига и сега беа против, скапо платените хокеари да играат на ЗОИ.
„Ова е глупава одлука против нашите желби и интереси. Јас да одлучував НХЛ лигата немаше да биде прекината среде сезона, па макар Зимските олимписки Игри да ги организираше Филаделфија“, изјави Ед Шнајдер, сопственикот на НХЛ лигашот Филаделфија флаерс.
Оттпорот е силен, а ризикот е преголем за сопствениците на клубовите, кои се мошне влијателни. Реално ризикот е комплетно на нивните плеќи, а големи пари се во игра. За пример, Овечкин кој игра за Вашингтон капиталс, има долгогодишен договор вреден 124 милиони долари. Евентуална повреда би значела дебакл за тимот и за сопствениците на НХЛ клубовите.
5. Финците највозрасни, Канаѓаните најтрофејни, Чикаго и Сент Луис со најмногу хокеари на турнирот
Финска има тим што според години е најстар, а ги предводи неверојатниот ветеран Тему Селане. Има 43 години и е највозрасен учесник на олимпскиот турнир. Друштво ќе му прават 39-годишниот Семи Сало и едно лето помладиот Кимо Тимонен. Финска секогаш е сериозен конкурент за медали, а со летечкото трио ветерани и овојпат ќе атакува на место на победничкиот пиедестал.
Канада го брани златниот медал од Ванкувер, што беше осми шампионски трофеј, за прво место на вечната олимписка листа според бројот на злата. Зад нив е Русија, која ја наследи богатата колекција медали од СССР и има вкупно 7 олимиски круни. САД и Шведска се зад водечкото дуо со по две златни медали.
Интересен податок е дека две екипи од НХЛ лигата, Чикаго блекхокс и Сент Луис блуз имаат најмногу хокеари на турнирот, точно по 10, поделени во ралзични репрезентации.
„Имаме големи шанси да се радуваме на златен медал, а верувам дека неколку наши играчи ќе се радуваат на освоените медали“, се пошегува Жоел Квеневил, тренерот на Чикаго.
На турнирот учествуваат 12 репрезентации.
Пишува: Зоран Поповски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


