Конечно заврши српскиот кошаркарски куп, а со трофејот се закити македонскиот репрезентативец Предраг Самарџиски и неговиот клуб Црвена Звезда.
Во продолжението што следуваше денеска од 19 часот, „црвено-белите“ беа подобри и славеа со 78-69.
Натпреварот што вчера поради инциденти кои ги предизвикаа навивачите беше прекинат при резултат 43-43 во 26. минута, продолжи пред празни трибини.
Клучна за успехот на освојувачот на титулата беше последната четвртина. Црвена Звезда направи извонредна серија од 16-1, поведе со 65-50, што беше недостижна предност за противникот.
Самарџиски со успешниот настап му се приклучи на вториот наш репрезентативец Бо Мекејлеб кој ја освои титулата во турскиот куп со Фенербахче викендов. Имавме уште еден репрезентативец што атакуваше на трофеј, но Перо Антиќ и неговиот Олимпијакос, во финале со многу инциденти загубија од Панатинаикос.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


