Во Сочи, Русија, во тек се Зимските олимписки игри (ЗОИ), каде што спортистите се борат за медали и место под спортското сонце. Некои држави даваат големи пари како награда за медал на Игрите, некои држави, пак, не ги наградуваат само медалоносците, туку и тие што ќе остварат одреден пласман. Така, на пример, Казахстан одвојува дури 55.000 евра за спортистите што ќе се пласираат меѓу 4. и 6. место.
– Не, ние своите спортисти не ги наградуваме парично. Па дојдоа на Олимписки игри, зарем им треба поголеме мотив – велат од Британскиот олимписки комитет.
Спортистите со години се бунат бидејќи спортот стана исплатлив бизнис, но во Сочи, британските спортисти нема да добијат пари ако освојат медал.
– Треба да бидат горди бидејќи ја претставуваат својата земја, не треба да гледаат профит и корист од тоа – велат британските официјални лица.
На Запад е така – слава, а не пари. Иако Американците, Канаѓаните или Германците добиваат пари, сумата е симболична за нивни услови. За злато, Американците се наградени со 18.000 евра и таа сума е иста во последните 10 години. Германците за злато добиваат 15.000 евра, а Канаѓаните „само“ 7.000 евра. Од западните земји само Италија дава повеќе пари. Тие на своите олимпијци за освоено злато даваат по 140.000 евра. Но, најмногу пари на ЗОИ дава Азербејџан – за злато 375.000 евра. Арно ама тешко дека некој ќе се закити со најсјајниот медал.
– Ние во Сочи имаме четири спортисти, но речиси е сигурно дека никој нема да се искачи на највисокото место на подиумот – велат од Олимпискиот комитет на Азербејџан.
Казахстан за злато ќе додели 180.000 евра, а со 55.000 ги наградува и шестопласираните. Домаќинот, Русија, за првото место дава награда од 82.000 евра, но нивните спортисти добиваат уште толку како награда од градот.
Американската олимписка комисија за освоено злато на Игрите во Сочи ќе ги награди спортистите со по 18.000 евра, но американските закони тоа го третираат како заработка во странство, па на таа сума мора да платат данок.
Во текот на претседателска кампања во 2012 година Барак Обама вети дека ќе ја укине таа одредба, но и во 2014 година таа уште важи.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Козата им ги изела парите
-
Соопштени добитниците на наградата „Св. Климент Охридски“
-
Награди за есеј на тема „Визија за Скопје“ добија Кристина Шумадиева, Бојан Шашевски и Тања Сарандеска
-
Рускиот „Магичен свет“ на Катја Ветрова – добитник на наградата за најдобар филм „Ратка Илиевска-Лале“ на 9.Мобил филм фестивал