Собранието на Република Македонија ги донесе измените на Законот за материјално обезбедување на невработените лица поради приватизација на претпријатијата со доминантна сопственост на државата во периодот од 2000 до 2004 година. На седницата гласаа сите 66 присутни пратеници, без против и воздржани.
Законот е донесен по скратена постапка и со него ќе бидат опфатени лицата кои останале без работа како резултат на приватизација на компанијата која била во државна или доминантна државна сопственост до 31 декември 2013 година.
Министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, смета дека со ова законско решение се очекува да се реши горлив проблем на околу 3.000 стечајци. Тие ќе бидат материјално обезбедени со месечен надомест од околу 7.100 денари, односно 34 проценти од просечната плата исплатена за минатата година и плус здравствено осигурување. Лицата треба да имаат најмалку 25 години работен стаж, а во меѓувреме ако биле вработени, да не им е прекинат работниот однос по нивна вина или волја.
Измените на законот ги подржаа и пратениците на опозициската СДСМ, но сепак остро го критикуваа зашто сметаат дека се работи за предизборен чекор на владејачката партија и жалат што нема да важи за сите стечајци во државата и што проблемот се решава парцијално.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.