| четврток, 6 декември 2018 |

Елизабета Канческа Милевска се сретна со Џон Грифитс во Велс

„Република Македонија и Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска имаат традиционално добри односи во областа на културата што е потврдено и преку реализацијата на значајни проекти кои придонесуваат за продлабочување на соработката меѓу двете земји, но со можност за реализација на многу нови проекти“- беше констатирано на денешната средба на министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска и  министерот за култура и спорт на Велс, Џон Грифитс, во на  Кардиф во рамките на еднодневната посета на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска.

На средбата министерката Канческа-Милевска го изрази своето задоволство од досегашната соработка во областа на културата како и од поддршката од страна Обединетото Кралство во  напорите на Република Македонија за зачленување во Европската Унија.

Канческа-Милевска потенцираше дека развојот на културата е значаен сегмент на културната политика на Министерството за култура, а нејзиното унапредување претставува приоритет и на Владата на Република Македонија, која вложува средства и на различни начини придонесува за нејзина активна промоција.

Министерот Грифитс, пак, ги поздрави инвестициите во областа на културата во Република Македонија, со што, како што истакна, ќе се овозможи поголема меѓународна размена на искуства и соработка во реализација на заеднички проекти во рамките на програмата на Европската Унија „Креативна Европа“, а особено во потпрограмата „Култура“. Воедно тој подвлече дека токму преку партнерство меѓу организации и поединци од Република Македонија и од Велс ќе се овозможи реализација на конкретни проекти од областа на културата, издаваштвото, изведбената уметност и др.

Канческа-Милевска, за време на престојот во Велс оствари средби со директори на повеќе институции,  а ги посети и Националниот музеј на Велс, организацијата „Велс Арт интернационал“ како и Велшкиот кралскиот колеџ за музика и драма.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top