Трајко Вељаноски, претседателот на Собранието на Македонија се сретнал со парламентарниот заменик-министер за надворешни работи на Јапонија Такао Макино. Оваа посета е потврда дека Македонија и Јапонија имаат добри односи кои ќе продолжат да се развиваат во иднина.
Вељаноски изразил подготвеност за унапредување на парламентарната соработка помеѓу двете земји, како на ниво на средби на претседатели на Парламенти, така и на ниво на комисии и пратенички групи за соработка, додека Макино изразил лична подготвеност да се иницира повторно активирање на пратеничката група за соработка со Македонија во јапонскиот Диет што ќе даде дополнителен придонес во унапредувањето на парламентарната соработка помеѓу двете земји.
Вељаноски и Макино разговарале и за соработката меѓу двете земји на повеќе полиња, при што претседателот на Собранието изрази задоволство што Јапонија е меѓу најголемите билатерални донатори на Македонија.
Оваа помош се реализира преку проекти во различни области, како што е проектот кој ќе се реализира оваа година од страна на јапонски експерти, за изработка на физибилити студија за реконструкција на колекторскиот систем на Охридското езеро.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.