Вилата на легендарниот американски гангстер Ал Капоне во Мајами Бич, во државата Флорида, се продава за цена од 8,5 милиони долари. Таа е изградена во 1922 година и се наоѓа на островот Палм Ајленд. Ал Капоне ја купил во 1928 година за 40.000 долари.
Куќата се простира на земјиште од 930 метри квадратни и во неа има седум соби и седум спални. Таа е во бела боја со златни орнаменти. На имотот има и огромен базен, куќа за гости, шеталиште, а околу вилата се издигнува голем бетонски ѕид, на кој се наоѓа стражарска куќарка, во која некогаш имало вооружено обезбедување.
Ал Капоне починал на имотот во 1947 година, на 48-годишна возраст. Тој таму се вратил по одлежување на четири и пол годишната затворска казна во затворот Алкатраз.
Вилата ја наследиле роднините на Ал Капоне. Во 70-тите години од минатиот век имотот станал сопственост на пилотот од авиокомпанијата „Делта“, Хенри Морисон.
Моментно сопственик на имотот е њујоршкиот бизнисмен Антони Панебианко, кој го купи пред шест месеци за 7,4 милиони долари.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.