Нови немири во Истанбул, откако демонстрантите против новиот Закон за контрола на интернетот се судрија синоќа со полицијата во близина на плоштадот Таксим.
Антивладините демонстранти поставија барикади во близина на плоштадот и се судрија со полицијата, фрлајќи камења и пиротехнички средства. Полицијата одговори со употреба на водени топови, солзавец и гумени куршуми. Во инцидентите бил повреден еден фоторепортер.
Опозициски групи вчера организираа протест на плоштадот Таксим поради Законот за контрола на интернетот, што беше усвоен неодамна, но полицијата им го забрани пристапот до реонот. Илјадници демонстранти се собраа во близина на плоштадот и побараа оставка на премиерот Реџеп Таип Ердоган.
Во согласност со новиот Закон за интернет во Турција, кој помина во Парламентот, власта може за неколку часа да блокира веб страници без судска наредба. За да стапи во сила овој закон треба уште да биде потпишан од претседателот Абдула Ѓул.
Опозицијата смета дека со новите мерки Владата се обидува да ги спречи дискусиите и ширењето на интернет содржини за корупцискиот скандал кој ја зафати земјата. Законските измени ги критикуваше и ЕУ, која бара од Турција уште еднаш да го преразгледа законот и да го прилагоди на европските стандарди.
Премиерот Ердоган тврди дека нема да има цензура на интернетот, туку дека измените во законот ќе доведат до тоа интернетот да биде побезбеден и слободен, односно да се заштити приватноста на корисниците.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Адеми на изложбата „Скопски материјални и духовни проблесоци“ во Истанбул
-
Продолжија протестите ширум Бугарија, блокирани патишта и гранични премини
-
Судири меѓу полицијата и каталонски сепаратисти во Барселона: Има повредени и уапсени
-
Се судрија германски националисти и про-имигрантски групи во градот Хемниц: Девет лица се повредени