Градоналникот на општина Василево, Ване Стојанов, заедно со директорот на Агенцијата за државни патишта, Љупчо Георгиевски, денеска го означи почеток на изградбата на последниот неасфалтиран пат во општината, јавува Струмица денес.
Општина Василево ќе добие целосна асфалтирана патна мрежа. Последниот неасфалтиран дел од локалниот пат Добрашинци – Висока Маала ќе биде завршен во мај. Со овој пат Висока Маала, каде што има околу 500 жители, целосно ќе биде поврзана со Добрашинци и со општинскиот центар и останатите населени места, а на жителите на Висока Маала значително ќе им се олесни патувањето.
– Денес е денот кога ги почнуваме градежните активности за асфалтирање на овој последен неасфалтиран дел од локалниот пат Добрашинци – Висока Маала. Постојаните напори на Општина Василево во обезбедување средства за асфалтирање веќе вродија со плод – рече градоначалникот Стојанов во денешното обраќање пред присутните граѓани.
Патот ќе биде долг 1400 метри и широк 4 метри со банкини од по еден метар од двете страни и атмосферско одводнување, со што ќе биде решен и проблемот со атмосферските води во тој дел. Вредноста на овој проект е околу 200.000 евра
Општина Василево, заедно со Агенцијата за државни патишта, во текот на изминатите години реализира многу проекти, меѓу кои: дел од Чанаклија – Нова Маала, локалниот пат Чанаклија – Гечерлија, стариот пат Дукатино – Радичево и реконстриукцијата на влезната улица во Василево.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.