Американскиот Стејт департмент соопшти дека ѝ се извиниле на Европската унија за тајно снимениот разговор во кој помошникот на државниот секретар, Викторија Нуланд, порачува дека ЕУ може да оди во мајчината поради начинот на кој се поставува во врска со кризата во Украина.
Снимката, за која се претпоставува дека е снимена од страна на Русија, и која беше поставена на интернет од анонимен корисник, е направена од телефонски разговор меѓу Нуланд и американскиот амбасадор во Украина, Џефри Пјат.
На неа, Нуланд и Пјат се договараат како да ја организираат украинската опозиција, со намалена улога на боксерот Виталиј Кличко, а во еден момент разгледувајќи ја поддршката од другите странски организации, Нуланд вели дека ЕУ може да оди во мајчината.
– Како прво, ние секако тесно соработуваме со Европската унија и со претставниците на ЕУ, и помошникот на државниот секретар тоа секако го прави по прашањето на Украина. Таа беше во близок контакт со високата претставничка на ЕУ, Катрин Ештон, и со други функционери, и секако се извини за овие наводни коментари – изјави Џен Псаки, портпарол на Стејт департментот, која, и покрај потврдата за извинувањето, не сакаше да потврди дека снимениот разговор е автентичен, ниту, пак, да открие каде била Нуланд кога овој разговор бил пресретнат.
Псаки, сепак, рече дека ова е нов низок удар од страна на Русија поради начинот на кој руски функционери ја промовираа снимката.
Снимката беше објавена вчера, во пресрет на новата посета на Нуланд на Украина, каде што помошникот на државниот секретар доаѓа откако почна политичката криза поврзана со украинските преговори за трговски сојуз со ЕУ или со Русија.
Русија од една, и САД и ЕУ од друга страна, меѓусебно се обвинуваат за мешање во Украина и поддршка на спротиставените страни.
Псаки вчера ги отфрли обвинувањата дека оваа снимка покажува како САД ја организираат украинската опозиција.
– Апсолутно не. Не треба да сме изненадени што американските функционери разговараат за разни прашања низ светот, и тука дискутираат за прашања со кои се тесно поврзани. Останува на народот на Украина, вклучително и нивните функционери од двете страни, да реши за патот напред. Но, не треба да биде изненадување ако ние разговараме за настаните на терен – изјави Псаки.
На снимката се слуша како Нуланд и Пјат договараат да има помала улога на Кличко во украинската опозиција, а за возврат го промовираат опозицискиот водач Арсениј Јаценјук како повозрасен и политички поискусен.
Нуланд и Пјат воедно разговараат за испраќањето на холандскиот дипломат Роберт Сери во Украина, како претставник на Обединетите нации, да посредува меѓу двете страни. Сери, поранешен холандски амбасадор во Украина, е познат во Македонија како висок пратеник на НАТО за време на конфликтот во 2001 година. За изборот на зборови на Нуланд, која тешко ја опцу Европската Унија, навестувајќи дека САД ја сметаат за бескорисна во украинските случувања, портпаролката Псаки вината ја префрли на фактот што како млада Нуланд работела на руски рибарски брод, каде не само што добро научила руски, туку научила и да пцуе.
– Ја знам Торија добро, можеби знаете дека живеела на руски брод едно осум месеци кога имала 23 години, и тогаш научила како да употребува одредени зборови на неколку јазици. Мислам дека кажаното повеќе зборува за начинот на изразување отколку за ставот кон Европската унија – изјави Псаки.
Нуланд е поранешен американски амбасадор во НАТО, во време на самитот во Букурешт, служеше како експерт за Советскот Сојуз, советник на потпретседателот Дик Чејни и портпарол на Стејт департментот, како и сопруга на познатиот нео-конзервативен аналитичар Роберт Кејган.
Од септември е помошник на секретарот Џон Кери задолжена за Европа и Евро-Азија.
Ова е втор посериозен гаф во кратко време за Нуланд откако претходно беше критикувана поради советот да се сокријат податоци за нападот врз конзулатот во Бенгази од членовите на американскиот Конгрес
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.