Меѓу 100 и 150 жени годишно во Македонија имаат потреба од јајце-клетки од друга жена за да може да се обидат да забременат. Лекарите предупредуваат дека е сѐ поголема потребата од донирани јајце-клетки бидејќи сѐ постари девојки се решаваат да станат мајки. Поради тоа, гинеколозите бараат и донирањето јајце-клетки да се регулира со измените на Законот за биомедицински потпомогнато оплодување (БПО), заедно со сурогат-мајки.
Според гинеколозите, возраста е главна причина за намалување на квалитетот на јајце-клетките, а сѐ поголем број жени одлучуваат да раѓаат подоцна, кога се намалува функцијата на јајчниците. Има и млади жени што предвреме влегле во перименопауза.
Деновиве беше актуелна и јавната дебата за измени во Законот за биомедицински потпомогнато оплодување, односно дискусијата за овозможување сурогат-мајки во Македонија и плаќање паричен надомест за загубеното време, претрпениот страв и болка на жени што ќе донираат јајце-клетки.
– Нашите процени се дека годишно се потребни околу 300 циклуси за ин витро. Има многу жени не само со навремен, туку и предвремен климакс и исцрпени јајчници. Постапката е легална и лесно изводлива, особено кога ја имаме и криопрезервацијата (замрзнување со цел зачувување клетки и ткива за подолг период), но донаторски речиси нема. Според актуелниот Закон за биомедицински потпомогнато оплодување, на донаторките им се рефундираат само патните трошоци. Во предлозите за измена на Законот, покрај сурогат, стои и членот според кој оваа рефундација за донаторките на јајце-клетки ќе биде во висина на две просечни плати. Трошоците ги плаќа двојката што има потреба од јајце-клетки. Сметам дека тоа е добро решение и ќе придонесе да имаме значително поголем број донаторки, што ќе придонесе многу двојки да го решат тој проблем во Македонија, а не да патуваат во странство – вели проф. д-р Глигор Димитров, претседател на Здружението за хумана репродуктивна медицина и раководител на Одделот за гинекологија и акушерство во приватната општа болница „Ре-медика“.
За сурогат-мајките, д-р Димитров смета дека треба да се даде опција за алтруистичен, строго регулиран и контролиран сурогат за апсолутно медицински индикации.
– Има пациентки со медицинска индикација (отсуство или тешко оштетување на матката) за сурогат. Не знаеме точно колкав е нивниот број, но се далеку помалку од тие на кои им треба јајце-клетка. Тоа не значи дека не треба да им помогнеме и ним. Медицинскиот проблем тука е леснорешлив, многу поголеми се правните, етичките, психолошките, социјалните и други дилеми и контроверзии – вели д-р Димитров.
Стотина двојки годишно имаат потреба од донирани јајце-клетки. Донатори најчесто се сестри, блиски роднини или пријатели кои ги исполнуваат строгите услови за донација – испитувања за генетски, сексуални и за наследни болести.
Со досегашниот Закон се забранува купување, продавање и посредување со јајце-клетки. Донирањето е дозволено само ако жена доброволно се согласи да донира јајце-клетки.
Искуствата на лекарите во болниците каде што се врши биомедицински потпомогнато оплодување велат дека во последните години се зголемува староста на пациентките што бараат такво оплодување.
– Двојките сѐ подоцна се одлучуваат за потомство, што дава време да се развијат некои болести кај женскиот партнер, меѓу кои миоми, ендометриоза, пелвична инфламаторна болест… Се разбира, колку и да е неправедно, биолошкиот часовник отчукува, со одминување на возраста се намалува бројот и квалитетот на јајце-клетките (оваријалните резерви), што е најважниот фактор во третирање на неплодноста. Кај машкиот партнер, исто така, во светски рамки е верифицирано постепено, но сигурно намалување на квантитативните и на квалитативните параметри. Конечно, начинот на живот и факторите на околината, исто така, неизбежно имаат влијание. Сето тоа придонесува за сѐ почесто да се индицира постапката за ин витро фертилизација – вели проф. д-р Глигор Димитров.
Во Македонија годишно се вршат околу илјада постапки за вонтелесно оплодување и висок е процентот на успешно завршени постапки. Ин витро фертилизација (ИВФ) е револуционерна и специфична постапка, високозависна од технологијата. Следењето на тој технолошки напредок со инвестиции, но и постоењето кадар кој континуирано се едуцира во супспецијалноста, особено во ембриологијата и генетиката, се основни предуслови за успешна работа на лабораториите за ИВФ.
– Такво нешто се случи во Македонија пред петнаесетина години и резултатите ги гледаме последниве години. Сепак, оваа гранка се развива на дневна основа, има место за подобрување и на овие резултати, а секогаш треба да имаме на ум дека и најситна технолошка грешка или невнимание може драматично да ги обори резултатите – објаснува д-р Димитров.
Во Македонија нема банка на сперматозоиди
Во Македонија е дозволено ин витро оплодување и за самохрани мајки. Со оглед дека кај нас нема банка на сперматозоиди, најчесто се користат акредитирани банки од Скандинавија и од Шпанија.
– Секако, процесот таму е строго контролиран, како и транспортот до нашите институции. Бирото за лекови дава одобрување за секој увоз. Со оглед дека сме мала и етнички мешана земја, сметам дека таквото решение е одлично, а релативно малку финансиски ги оптеретува двојките. Во Македонија нема законски пречки за да постои таква банка, но немаме ургентна потреба да ја формираме. Кога тоа ќе се случи, мислам дека треба да биде само во една институција, најдобро на гинеколошко-акушерската клиника – вели д-р Димитров.
Најголемиот напредок во ин витро оплодувањето последниве години е направен во замрзнувањето јајце-клетки. Тоа порано беше голем проблем, процентот на преживување на јајце-клетките по одмрзнување беше многу низок.
– Со современите методи тој процент се искачи на 90. Со тоа се отворија многу можности почнувајќи од смрзнување јајце-клетки за сопствени потреби за подоцна во животот, до колектирање од донаторки за потреби на тие што ги немаат. Криопрезервацијата на оваријално ткиво е многу помалку употребувана опција поради технологијата, и во денешно време се користи најмногу кај пациентки болни од канцер, кои по излекувањето би сакале да станат мајки – додава д-р Димитров.
Бесплатно ин витро и за второ дете
Од почетокот на годинава почна да се спроведува владиниот проект за бесплатно ин витро за второ дете. За оваа активност се планирани дополнителни 1,5 милион евра од Буџетот и заедно со бесплатното ин витро за прво дете, тоа ќе бидат вкупно 2,5 милиона евра одвоени од Буџетот за оваа процедура.
Оваа мерка на Владата е поттикната од лошата демографска структура во Македонија бидејќи податоците покажуваат дека кај нас сѐ помалку се раѓаат деца, а населението старее.
Во Македонија има седум овластени здравствени установи во кои се врши спроведување на постапките за биомедицински потпомогнато оплодување: Плодност (Битола), Систина, Ре-медика, Универзитетска клиника за гинекологија и акушерство (ГАК), Ултрамедика, Свети Лазар хоспитал, д-р Органџиски (Штип).
Сѐ повеќе барања за бесплатно ин витро
Вкупно 2.648 барања за вештачко оплодување на државен трошок одобрил Фондот за здравствено осигурување за 2010, 2011 и 2012 година. Минатата година до Фондот стигнале 1.588 барања, а од нив 890 биле нови. Останатите ги докомплетирале документите. Позитивно било одговорено на 950, а 17 добиле негативен одговор. Во 2011 година имало 950 барања, а на 714 им било одобрено ин витро на сметка на државата. Биле одбиени 11 барања, а останатите биле вратени да ги средат документите. Во 2010 година ФЗО одобрил 984 барања, а во 2009 година државата обезбедила пари за 1.700 процедури за оплодување по вештачки пат, што е за 21 процент повеќе од барањата одобрени во 2008 година.
Во приватната болница „Ре-медика“ повеќе од 500 новороденчиња се зачнати во центарот за асистирана репродукција и ИВФ во изминатите четири години.
Сѐ се заборава кога ќе се родат децата!
Доцното стапување во брак, потоа грешката со чекањето услови за деца направија многу доцна, дури по 10 години, да откриеме дека постои проблем за зачнување по природен пат. По низа испитувања низ кои минавме и двајцата, беше откриено дека кај еден од нас постои проблем – наследство од прележана болест. Тоа значеше дека имаме мали шанси за природно зачнување. По лекарски совет, го почнавме процесот за ИВФ – ја почнува својата приказна 41-годишниот Никола.
Тој денес со својата сопруга им се радува на петгодишните близнаци и само тие знаат низ што поминале додека да се родат децата.
– Тоа е макотрпен процес низ кој поминува секоја жена, во која со лекарски надзор и терапии комплетно се менуваат хормоналната слика и балансот во организмот. Кога почнува тој процес, барем така беше на почетокот, никој од докторите, всушност, не посочуваше на психолошките моменти низ кои се минува, особено за време на тој хормонален дизбаланс. Тој влијае врз расположението на жената, а на тоа се надоврзува и стресот – како ќе биде, како ќе се одвива, дали ќе биде… Како лаик, би препорачал во целиот тој систем во здравството да се вклучи и психолог, кој ќе ја води двојката. Од искуство, во комуникација со мажи, знам дека дел од нив, ако попреченоста доаѓа од нив, има проблем кој најчесто е поврзан со машкоста и со статусниот симбол. Особено кога ќе треба да се донира за испитување на сперматозоидите или да се остави „материјал“ за оплодување. Верувајте, атмосферата во чекалниците, во тој дел на болниците, е забележително непријатна и постои срам кај нив, а сето тоа е поврзано со балканскиот менталитет. Владее тишина, како мали деца кои направиле беља, па седат пред канцеларијата на директорот, со вперен поглед в земја. Жените, пак, од друга страна, во тој процес се многу поотворени, разменуваат искуства, се запознаваат, дури почнуваат и пријателства – раскажува Никола за искуствата.
Порано, стерилитетот беше тема за која не се разговараше јавно и за лекување се одеше во странство – најчесто во Словенија. Причини за стерилитет, покрај болест на репродуктивните органи, се и поодмината возраст, проблеми со дебелината, неквалитетна исхрана, но и стрес. Според светските статистики, 50 проценти од жените што применуваат некоја од методите за забременување, ќе останат бремени во првиот обид.
Сопругата на Никола ја немала среќата да зачне веднаш, туку тоа се случило во третиот обид.
– При ИВФ во матката се враќаат по три оплодени јајце-клетки, токму поради тоа дали ќе се „врзе“ за матката. Затоа најчесто со овој третман се раѓаат двојки или тројки. Нам тоа ни се повтори во два обида. Тоа се тие најстресни моменти низ кои поминува двојката и заедно и поединечно, секој во себе. Тогаш е најнеопходна меѓусебна поддршка и разбирање. Процесот бара долги стресни подготовки, што само ја зголемува тензичноста. Со крвавење се соочивме и во последниот обид, што мислам дека беше најстресно – вели Никола.
Тој и неговата сопруга биле свесни за сите ризици што ги носи вештачкото оплодување, како, на пример, хормоналниот статус, создавањето огромен број фоликули во еден циклус што влијае врз поскоро влегување на климактериум, потоа згрутчување на крвта…
– Ако мене ме прашувате, ниеден од тие ризици не се разликува од ризиците што ги носи бременоста со природно зачнување. Целиот стрес, двегодишниот процес со сите контроли, проверки, зафати, два пропаднати ИВФ циклуси, тешка ризична бременост со близнаци која бара постојано лежење, медицински терапии со инјекции наутро и навечер, фатени нерви меѓу прешлени и што уште не… Сѐ се заборава кога ќе дојдат на свет децата! И борбата и маката за нивно застанување на нозе е сто пати поголема. Некои прашуваат дали затоа се помили, нели се добиени со труд и мака – се присетува Никола.
Тој теоретски би сакал уште две деца.
– Следно дете, сега веќе – не. Ние го фативме последниот воз за можноста да имаме деца. Ако ме прашувате онака, теоретски би сакал уште две – ја завршува својата приказна Никола.
Пишува: Александра М. Бундалевска
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.