| четврток, 6 декември 2018 |

Босна пред револуција – протестите од Тузла се прошируваат низ целата земја

tuzla demonstracii

Протестите од Тузла се проширија низ цела Босна и Херцеговина. Синоќа на улиците во Сараево, Зеница и Бихаќ излегоа илјадници граѓани, а најмногу, околу 5.000, се собраа во Тузла, каде што имаше најсериозни инциденти, јавуваат тамошните медиуми. Во судирите меѓу полицијата и демонстрантите се повредени 102 полицајци и 28 граѓани.

Демонстрациите ги организирале работниците од пропаднатите фирми, а помош добиле од останатите граѓани преку социјалните мрежи. Демонстрантите се незадоволни од бедата и сиромаштијата, тешката социјална состојба во која живеат, а за сето тоа ги обвинуваат корумпираните лидери. Само во Тузла имало 100.000 невработени.

Протестите во Тузла, кои се одржуваа пред зградата на Владата, преминаа во насилство по улиците откако полицијата реши да ја растури толпата со солзацви. Според тамошните медиуми, на улиците се слушале и детонации, се кршеле стакла од околните згради, а биле палени и гуми.

Од полицијата во Тузла изјавиле дека тоа веќе не се протести, туку масовен грабеж. По првичните судири полицијата почнала и да апси учесници во демонстрациите, при што со лисици на рацете завршиле осум граѓани.

Судири имало и на протестите во Сараево, каде што се собрале неколку стотини демонстранти. При тоа, повредени биле двајца полицајци и неколку граѓани, а повеќемина биле приведени.

Во Тузла денеска се затворени училиштата и факултетите, а за попладне повторно се најавени протести низ сите градови во земјата. Властите повикуваат да престанат насилствата.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top