Новинарката на агенцијата „Танјуг“, Јасминка Кочијан, на својот профил на „Фејсбук“ напиша дека акцијата за спасување на завеаните во снежното невреме кај местото Фекетиќ, во која учествуваше и српскиот вицепремиер Александар Вучиќ, била многу пострашна и посрамна отколку што се мислело.
Според Кочијан, на спасувачките екипи од Црвениот крст, кои биле целосно оспособени за дејствување во такви ситуации, им било забрането да ги спасуваат загрозените луѓе додека „Александар Вучиќ не пристигне и не заврши работа“.
– Спасувачките екипи само седеа. Не им дозволија на активистите на Црвениот крст да преземат што било иако тие имаат и моторни санки за таков снег и знаат како се приоѓа, откопува и спасува луѓе. Им наредија да седат во автомобилите до утрото, додека не дојде Вучиќ, тој прв да спасува и да биде снимен – напиша Јасминка Кочијан на нејзиниот профил на „Фејсбук“ и додаде дека волонтерите, сепак, без согласност од нивните надредени тргнале во спасувачка мисија, при што биле извлечени дете со дијабетис и многу други.
– Дури кога заврши снимањето им било наредено на активистите да прават што сакаат, секако без камери. Лично видов снимки од луѓе од Црвениот крст што прават и како прават. Ова е полошо од што мислевме – заклучува новинарката.
Црвениот крст ги демантира овие информации.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.