
Редовните контроли на екипите на ЕВН Макеодонија спроведени на почетокот на годината утврдија неколку извршени кражби на челични прачки (винкли) на делови од далекуводите во гевгелискиот и битолскиот регион.
„Само среќата ги спасила крадците од смртоносни или потешки повреди, но и останатите корисници во тој регион од поголеми прекини на снабдувањето со електрична енергија. На 110 киловолтниот далекувод Валандово-Гевгелија, над селото Мрзенци од 4 челични столба, украдени се 50 винкли со должина од по 3 метри и над 100 шрафови со голем пречник како и плочки за заземјување. Од битолскиот далекувод украдени се винкли од 5 челични столба високи и над 5 метри, поради што 2 од нив се навалиле до земјата, а 3 столба се извиткале. Вистинско чудо е како непознатите сторители по кои полицијата трага не настрадиле и не се случила поголема хаварија на далекуводите, затоа што од овие кражби половина и од Гевгелија, Валандово и Битола ќе останеле подолго време без електричлна енергија. Предизвиканата штета е близу 1 милион денари“ велат од ЕВН Македонија.

Екипите на ЕВН Македонија веднаш ги санирале и обезбедиле овие делови од далекуводите, а го стабилизирале и снабдувањето со електрична енергија. Од ЕВН велат дека кражбите на делови на енергетските објекти се ретки, затоа што е голема можноста крадците да настрадаат од струен удар. Повеќе од нив веќе одговараат пред судовите за кривичните дела. Донесена е и една пресуда за издржување на затворска казна во траење од една година за кражба на трансформатор.

На листата на делови кои се украдени од енергетските објекти најчесто се наоѓаат бакарот и челичните делови но и алуминиумски двокрилни врати, решетки за вентилација, шрафови, кабли, против пожарни апарати, но и цели столбови. Дека не се работи за храброст, туку за лудост, доказ е и кражбата регистрирана минатат година на потегот меѓу струмичките села Пиперово и Просениково, кога непознат сторител со моторна пила и друг алат исекол и украл 10 дрвени столба.

– Далноводите ќе се доведат во исправна состојба, штета ќе се надомести но ништо не може да ги надомести човечките животи. Затоа
апелираме до сите други корисцници кои случајно се движат во близина на енергетските објекти да ги почитуваат предвидените растојанија на одалеченост и секоја оштетување да го пријават до ЕВН Македонија – изјави за „Република“ Атанас Ковачевски портпарол на ЕВН Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


