Европскиот парламент со 486 гласа „за“, 55 „против“ и 29 воздржани ја усвоија резолуцијата за напредокот на Македонија во 2013 година, предложена од британскиот европратеник Ричард Ховит, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Во резолуцијата Европскиот парламент уште еднаш го повикува Советот на Европската унија без одложување да утврди датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Притоа се нагласува дека билатералните проблеми не треба да бидат пречка за почеток на преговорите иако тие треба да бидат решени пред крајот на процесот за зачленување.
Билатералните и добрососедските односи, според усвоениот текст, треба да бидат во конструктивен дух водејќи сметка за принципите на ООН и на ЕУ.
ЕП жали што одложувањето на датумот за преговори ја акцентира растечката фрустрација на јавното мислење во однос на ќор-сокакот во кој се наоѓа процесот на интеграција во Унијата и ризикува да предизвика проблеми и тензии во земјата. Исто така, се изразува жалење што Советот не ја повтори истата формулација од 2012 година во однос на Македонија. Грција е повикана да го искористи своето претседавање со ЕУ за да даде нов елан на процесот на интеграција, со што ќе ги потврди ангажирањата од агендата „Солун 2003“ и ќе создаде позитивен амбиент за решавање на билатералните разлики во духот на европските вредности и да ја искористи својата раководна позиција за да изработи иницијативи кои имаат цел излез од актуелниот ќор-сокак на преговорите за наоѓање решение.
Македонија се повикува да продолжи со реформите и да им стави крај на нејзините политики и практиките кои можат да претставуваат пречка за нејзината европска иднина, како и постигнување напредок во областите наведени во заклучоците на Советот на ЕУ.
Во резолуцијата се инсистира сите земји-кандидати да бидат третирани според заслугата. ЕП смета дека критериумите од Копенхаген се доволно исполнети за земјата да ги почне преговорите и оти членство во ЕУ е кога една земја ги исполнува целосно истите.
ЕП ја зема предвид пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5 декември 2011 за спроведувањето на привремениот договор од 13 септември 1995 година и е на мислење дека водачите на земјите на ЕУ треба систематски да ѝ ги објаснат на јавноста предностите од едно решение, еднаш откако ќе биде одлучено, пред референдумот за ова прашање.
Поздравена е добрата клима на петте билатерални средби меѓу работните групи од Македонија и Бугарија и дека дијалогот од тие рамки е добра рамка за да се разгледаат чувствителните прашања од историјата, населението или другите заедничи теми меѓу двете земји. Се бара да бидат донесени позначајни мерки за да се постигне во корисно време билатерален договор кој е најадекватен во тој поглед.
Во резолуцијата, меѓу другото, се изразува жалење за отсуство на интегрирано образование и се повикува на разбивање на стереотипите, етничките поделби и промовирањето на инклузивна двојазичност на незадолжителна основа, се осудуваат сите видови ултранационализам.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.