Денеска Европскиот парламент ќе гласа за извештајот за напредокот на Македонија. На синоќешната дебата известувачот Ричард Ховит, посочи дека се бара почеток на преговори без одложување.
-Горд сум што претставив извештај во ЕП, кој бара без одложување почеток на преговори со Македонија. Исто така сум среќен што беше најден консензус за изборниот закон и што е воспоставен дијалог меѓу новинарите и владата, но и дека буџетот беше усвоен во нормална парламентарна процедура. Акцентот е ставен врз интеграцијата и образованието, меѓуетничките односи и селективното судство- вели Ховит.
Ховит побара Европската комисија да ѝ додели на Македонија статус на „функционална пазарна економија“, со што ќе бидат гарантирани странските инвестиции.
Во својот говор Еврокомесарот за проширување Штефан Филе потенцираше дека Европската унија останува стратешки приоритет за Македонија, не само за Владата, туку и за опозицијата.
– Важно е земјата да ја придвижиме напред на патот кон европската интеграција. Силно верувам дека отворањето на преговорите за пристап ќе ги консолидираат потребните реформи и ќе ја осигураат нивната одржливост. Благодарен сум за континуираната поддршка од Европскиот парламент за препораката на Комисијата.
Како што јавува Дојче веле, дебатата не помина без забелешки на грчките и бугарските европратеници кои ги повторија нивните ставови дека Македонија присвојува туѓа историја, а политиката не е добрососедска, односно проблемот со името не е единствен, бидејќи таа не ги исполнува и другите услови, бидејќи постојат редица други проблеми.
Многу европратеници во дискусијата побараа од грчкото претседателство да направи исчекор, бидејќи како што вели романската европратеничка Норица Николај, со случајот на Македонија ќе се „мери успехот или неуспехот на европската политика на проширување“.
-Потребно е да се избегне тој неуспех. Не разбирам зошто, иако ние ја поддржуваме земјата во ЕП и Европската комисија, се блокира процесот на интеграцијата на земјата поради спорот со името. Не сфаќам зошто треба да ѝ забележуваме на земјата дека има висока невработеност – има држави членки со повисока стапка на невработеност, земји во кои не се решени односите меѓу политичките партии, односите меѓу властите и медиумите не се демократски. Треба да се стави крај на оваа хипкоризија и затоа бараме до Советот да започне со преговорите без оглед дали проблемот со името е решен- посочува романската европратеничка Норица Николај.
Во Резолуцијата на Европскиот парламент за која ќе се гласа денеска е речено: „ЕП смета дека критериумите од Копенхаген се доволно исполнети за земјата да ги започне преговорите и дека членство во ЕУ е кога една земја ги исполнува целосно истите.“
ЕП ја зема во предвид пресудата на Меѓународниот суд на правдата од 5. декември 2011 за спроведувањето на Времениот договор од 13. септември 1995 година. Затоа Европскиот парламент го повикува уште еднаш Советот на Европската унија да утврди без одложување датум за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ. Притоа се нагласува дека билатералните проблеми не треба да бидат пречка за почеток на преговорите, иако тие треба да бидат решени пред крајот на процесот за зачленување.
Предложената Резолуција на Ричард Ховит, која нема обврзувачки карактер, но има големо политичко влијание, набљудувачите во Стразбур ја оценуваат како позитивна за Македонија, пренесува Дојче веле.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.