Министерството за економија и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), денеска пред претставниците на стопанските комори во Македонија ja одржаa првата од неколкуте планирани промоции на новата кредитната линија на ЕБОР (WeBSFF 2) од регионалната Програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан.
Како што соопштија од Министерството за економија, министерот Сарачини на минатонеделната средба со претставниците на ЕБОР, со цел поголемо искористување на средствата од овие кредитни линии во идните три месеци, согласно акцискиот план, вети
дека ќе се одржуваат директни средби, најпрво со стопанските комори, а потоа и со стопанствениците од внатрешноста на државата и ЗЕЛС, при што ќе се отвори можност секоја општина, која ќе сака да спроведе проекти за енергетска ефикасност, да може да
аплицира за истите.
Кредитната линија е дел од регионалната Програма за енергетска ефикасност за Западен Балкан, која отпочна да се реализира во декември 2013 година. Ќе се имплементира во Албанија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Србија, Косово, Хрватска и Македонија.
Вкупниот износ на финансиски средства кои се обезбедени од ЕБОР за сите земји од Западен Балкан изнесува 75 милиони евра наменети за реализација на мали проекти во приватниот сектор и јавниот сектор, во областа на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија. Оваа кредитна линија се пласира преку комерцијални банки со кои ЕБОР има склучено договор, и тоа во досегашниот период склучен е договор со Охридска Банка Сосиете Женерал во Македонија, во износ од 6 милиони евра, стои во соопштението.
За оваа кредитна линија може да аплицираат компании во приватна сопственост, трговци поединци или други приватни правни лица формирани според законите во Република Македонија и општини, јавни или приватни компании кои извршуваат општински услуги и се одговорни за реализација на инвестицијата или компании за енергетски услуги (ЕСКО) кои инвестираат во проекти за енергетска ефикасност во соработка со општини или јавни претпријатија.
Максималниот износ на кредитите можат да бидат до 2 милиони евра за проекти од приватниот сектор и до 2,5 милиони евра за проекти од јавниот сектор. Во случај да постојат повеќе кредити кон истиот клиент од јавниот сектор за различни проекти, тогаш
максималниот износ е 5 милиони евра за поединечен субјект од јавниот сектор.
Подготовката на потребната документација за одобрување на проектот се врши од страна на проектните консултанти и е бесплатно за апликантите. Податоците за контакт со проектните консултанти може да се најдат во комерцијалните банки и во проектната канцеларија на (WeBSFF 2) (www.webseff.com). Условите под кои се доделува кредитот се определуваат од страна на комерцијалната банка.
Како што стои во соопштението, со обезбедувањето на финансиска поддршка и експертска поддршка од страна на ЕБОР, преку кредитната линија ќе се придонесе значително кон реализација на конкретни проекти од областа на енергетската ефикасност и обновливите извори на енергија кај компании од приватниот сектор, меѓутоа и во општинскиот сектор.
Реализацијата на проекти за одржлива енергија ќе придонесе за развој на пазарот на понуда и побарувачка на енергетски услуги, што ќе значи поголема конкурентност на македонскиот пазар на услуги.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.