| четврток, 6 декември 2018 |

МВР подготвено за претседателските избори

mvr

Со распишување на Изборите за Претседател на Република Македонија, од страна на Претседателот на Собранието на Република Македонија, господинот Трајко Вељановски, Министерството за внатрешни работи ги отпочна подготовките за постапување во рамки на законските ингеренции и обврските кои произлегуваат од нив, се вели во соопштението на ова министерство.
Првата обврска согласно законот веќе ја извршивме, односно според член 43 став 3 од Изборниот законик до Државната изборна комисија во криптирана форма ги доставивме податоците кои од нас ги побараа за ажурирање на Избирачкиот список.
Со одлука на Министерот за внатрешни работи, формиран е Оперативен штаб кој треба да ги испланира и реализира сите активности во рамки на републичката акција Избори 2014. Активностите повторно ќе бидат поделени во три главни фази: и тоа предизборен период, вклучувајќи ја и кампањата, денот на гласање и периодот по затварањето на гласачките места. Во текот на наредниот период ќе се формираат и регионални штабови кои ќе имаат задача на терен, одблиску да ги следат случувањата во предизборниот период, да разменуваат информации со републичкиот штаб и да преземаат соодветни мерки.
Во целост е подготвен и Одделот за обезбедување кој има обврска на сите кандидати за претседател на државата, чија кандидатура ќе биде официјализирана од Државната изборна комисија, да им понуди соодветна заштита во текот на предизборната кампања.
Повторно предвидовме дополнителна едукација на полициските службеници и во моментов ја утврдуваме агендата и планот за нивна обука која ќе треба да ја реализира Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди и Центарот за обука во Идризово.
Во врска со одржувањето на „Претседателските избори 2014“, а со цел законито и професионално постапување и превземање на мерки и дејствија од страна на вработените во Министерството за внатрешни работи, Секторот за внатрешна контрола како контролен механизам на работата на полицијата ќе превземе и други активности со цел непречено одвивање на изборниот процес. Ќе се одржат работни состаноци со раководителите на организациските единици во Министерството на кои ќе се укаже на одговорноста и регулативата вклучувајќи ги Правилникот за начинот на вршење на полициските работи и Правилникот за начинот на постапување на полицијата за време на спроведување на изборите и останатите законски и подзаконски акти.
Како и во претходните изборни циклуси, посебно внимание ќе се обрне на доследно почитување на членот 128 од Законот за внатрешни работи, кој укажува надвор од работното време полициските службеници да не се ставаат во функција на политичките партии заради вршење на предизборни и изборни нерегуларности, да не го нарушуваат јавниот ред и мир и угледот на Министерството, да се воздржуваат од било какви провокации на активисти на политичките партии. Секое спротивно однесување, нема да се толерира и ќе повлече најстроги дисциплински мерки согласно Колективниот договор на МВР и важечките закони. Вработени на Секторот за внатрешна контрола, ќе постапуваат по сите претставки, а на денот на изборите ќе бидат распоредени во Секторите за внатрешни работи. За секое примено известување за незаконско и непрофесионално постапување на полициските службеници припадниците на Секторот веднаш ќе излезат на лице место со цел констатирање на фактичката состојба и превземање на соодветни мерки.
Исто така дадена е насока за зголемена динамика во работењето и на Управните служби кои согласно досегашната практика ќе издаваат биометриски лични документи и на денот на изборите.
Министерството за внатрешни работи очекува добра и искрена соработка со политичките партии и останатите институции задолжени за непречено одвивање на изборниот процес, пред се во интерес на граѓаните и нивното демократско право да гласаат по сопствено убедување. Ние сме подготвени да направиме се што е во наша моќ граѓаните повторно да можат во мирна, фер и демократска атмосфера да гласаат за опцијата која сметаат дека е најдобра.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top