Собранието на Македонија се очекува да работи до 10 март, а потоа ќе следува прекин поради одржувањето на претседателските избори на 13 април.
Дотогаш треба да се одржи уште една нова пленарна седница и евентуално уште една седница посветена на пратенички прашања за која претседателот на законодавниот дом ќе се консултира со координаторите на пратеничките групи.
Седницата за пратенички прашања би требало да се одржи на 27 февруари, односно последниот четврток во месецот.
На денешната средба со новинарите претседателот на Собранието Трајко Вељаноски го презентираше редовниот Годишен извештај за работата на Собранието и рече дека е генерално задоволен од работата на Парламентот во изминатата година и оти се вратил дијалогот меѓу пратеничките групи кој беше нарушен.
Првиот парламентарец најави дека ќе се обиде уште еднаш во салата 1 да собере поголем број пратеници за да се гласа за новиот состав на Комисијата за верификација на факти.
Најави дека од утре Собранието ќе биде присутно на популарните социјални мрежи „Фејсбук“ и „Твитер“.
За почеток е предвидено профилите да бидат администрирани од вработени во Одделението за информирање, а за краток период тие ќе бидат поврзани со електронскиот систем е-Парламент и собраниската веб-страна што ќе овозможи автоматизирано објавување на информациите и содржините.
Според Вељаноски, на овој начин содржините што им се достапни на посетителите на веб-страната на Собранието ќе им бидат подостапни на корисниците на социјалните мрежи како што се дневните редови на седниците, на работните тела, меѓународни и други активности на пратениците и службата на Собранието.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.