| четврток, 6 декември 2018 |

Почнува филмскиот фестивал во Берлин

Секогаш бил помалку гламурозен од Кан, помалку популарен од Венеција, но никогаш не бил помалку престижен. Берлинале е фестивал кој најмногу им се обраќа на најприбирливите филмофили, оние кои секогаш бараат нешто ново, надвор од конвенционалното

берлинаре

Директорот на фестивалот Дитер Кослик

Февруари во Берлин е традиционално во знакот на филмот, кога германската престолнина ги дочекува бројните ѕвезди, познатите филмаџии и љубители на седмата уметност. Меѓународниот филмски фестивал во Берлин, кој почнува на утре, на 6 февруари, е 64. по ред и завршува на 18 февруари.

Секогаш бил помалку гламурозен од Кан, помалку популарен од Венеција, но никогаш не бил помалку престижен. Берлинале е фестивал кој најмногу им се обраќа на најприбирливите филмофили, оние кои секогаш бараат нешто ново, надвор од конвенционалното.

На годинешното издание ќе има 400 остварувања од големите филмски продукции, независни филмови и документарци. Во натпреварувачкиот дел има 23 филма од 20 земји од кои 20 ќе се натпреваруваат за главна награда „Златна мечка“, а 18 од филмовите ќе имаат светска премиера токму во Берлин.

– Нашата програма се осврнува на германската историја во периодот од 1930 до 1940 година и на холокаустот. Изборот не беше направен свесно, туку едноставно има многу добри филмови на таа тема – изјави директорот на фестивалот Дитер Кослик.

Фестивалот ќе го отвори филмот „Гранд хотел Будимпешта“ со Ралф Фајанс во главната улога. Приказната е заснована на белешките на австрискиот писател Штефан Цвајг, за разрушената Европа во Втората светска војна.

Втората светска војна е темата и на филмот „Операција: чувари на наследството“ на Џорџ Клуни, во која се раскажува за група американски, британски и француски стручњаци кои се обидуваат да го спасат европското уметничко наследство.

Славниот германски режисер Фолкер Шлендорф на Берлин ќе се претстави со филмот „Дипломатија“ во кој се говори за причините поради кои нацистите го поштедиле Париз од рушење.

Документарецот „Пристојна Една“ се занимава со откритието во Израел каде биле пронајдени стотина белешки, писма и фотографии на озогласениот сс-овец Хајнрих Химлер, десната рака на Адолф Хитлер.

Од 20 филмови кои се во официјалната конкуренција за награди, дури три се од Кина, но ниту еден нема ништо заедничко со „Големиот мајстор“, спектакуларната кунг-фу епопеја на Вон Кар Вај која лани го отвори Берлиналето.

Станува збор за три остварувања снимени со ограничен буџет, филмови кои се дело на новата генерација режисери.

Перуанската режисерка Клаудија Љоса, која освои „Златна мечка“ во 2009 година ќе го прикаже своето најново остварување „Алофт“, филм во кој глумат Џенифер Конели и Силијен Марфи. Приказната е за мајката која е одвоена од болната ќерка.

Американскиот продуцент и сценарист Џејмс Шејмус ќе го предводи жирито на годинешниот фестивал, кое е составено од познати светски имиња – Кристоф Валц, двојниот освојувач на „Оскар“, американската актерка Грета Гервиг, хонгконшката ѕвезда Тони Леунг, францускиот режисер Мишел Гондури и продуценктката на филмовите за Џемс Бонд, Барбара Броколи.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top