Премиерот Никола Груевски, на денешното промовирање на теренот на фудбалското игралиште „Македонски Лавови“, во општина Ѓорче Петров, истакна дека ако пред 10 години општа констатација беше дека македонскиот спорт и македонските клубови имаат недостаток на спортски терени и вистински услови за тренинг и развој, денес работите се сериозно променети.
-Скоро да нема град во кој немаме изградено фудбалско игралиште за голем фудбал, некаде по две, а некаде и по три. Тука во Ѓорче Петров се изградија две игралишта. Скоро да нема град во кој немаме изградено нова спортска сала, тука во Ѓорче Петров се изградија двете големи спортски сали. Со проектот за изградба на 145 спортски сали се опфатија сите училишта во државата кои немаа сала, а кои имаат услови за изградба. Во рамките на овој голем проект досега се направија 34 училишни сали, а уште голем број се во фаза на градба или пак наскоро ќе започне градбата, истакна Груевски.
Со проектот за изградба на 100 тениски терени, потсети Груевски, се изградија и се уште се градат голем број тениски игралишта во целата земја, а слично е и со проектот за изградба на 100 повеќенаменски спортски игралишта.
-Кога на сето ова ќе се додадат спортските терени кои ги градат општините и спортските федерации, не може да не се констатира дека Македонија прави големи чекори напред во делот на спортската инфраструктура. Многу места во државата кои никогаш во минатото немале спортски терен и вистински услови за спорт и рекреација, добија сали, игралишта, добија вистински услови за спортување, а со тоа добија можност да оформат нови спортски генерации. Еден од тие објекти е ова модерно фудбалско игралиште. Верувам дека Ѓорче Петров, како и секогаш во минатото ќе продолжи да раѓа нови фудбалски таленти и дека овој терен ќе биде дом на многу фудбалски ѕвезди, додаде претседателот на македонската Влада.
Градоначалникот на oпштина Ѓорче Петров Сокол Митровски, подвлече дека на игралиштето е изграден најсовремен дренажен систем во кој се испочитувани сите стандарди кои ги бара УЕФА, проширена е заштитната ограда, изграден е пристапен пат со паркинг простор што ќе биде асфалтиран кога временските услови ќе го дозволат тоа и хортикултурно е уредена околината на стадионот.
-За реализацијата на овој проект одвоивме повеќе од 10 милиони денари од буџетот на општината, а вештачката трева е донација од ФФМ и УЕФА како наши докажани пријатели кои безрезервно ни помагаат во реализирање и на други спортски настани, рече Митровски.
Прецизира дека новиот фудбалски терен покрај женскиот фудбалски клуб „Единство – Ѓорче Петров“ и фудбалерите на „Македонија – Ѓорче Петров“ ќе може да го користат за тренинзи сите селекции на македонската репрезентација, но и граѓаните.
– Уверен сум дека еден ден на ова современо фудбалско игралиште ќе се играат и натпревари од меѓународен карактер, потенцира Митровски, заблагодарувајќи се на изведувачот на градежните работи „Трансмет“ од Скопје за предвреме завршените работи и покрај неповолните временски услови.
Претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски, нагласи дека ова е првиот од вкупно 10-те терени ширум Македонија на кои ќе биде инсталирана вештачка трева со донацијата од УЕФА.
– Токму оваа општина прва ги заврши преземените обврски околу подготовката на подлогата за поставување вештачка трева. Со инсталирањето на вештачката трева овде и во останатите градови во Македонија ќе придонесеме многу повеќе млади луѓе да го засакаат фудбалот, да тренираат во одлични услови што, пак, севкупно ќе значи популаризација на фудбалот и да се надеваме појава на многу повеќе фудбалски таленти, порача Ѓорѓиоски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Судот одреди 30 дена притвор за Груевски и во случајот ,,Титаник‘
-
Унгарската влада за „Макфакс“: Му дозволивме на Груевски да побара азил од безбедносни причини бидејќи беше премиер
-
На комисија изгласано одземање на мандатот на Груевски, конечната одлука на пленарна седница
-
Ниту јас, ниту другите обвинети во случајот за градбата на патиштата, не сме обвинети за земање на провизии




