| четврток, 6 декември 2018 |

Дали „Дајнерс Македонија“ ќе ја има истата судбина како „Дајнерс Словенија“?!

diners-club

Најбогатиот Словенец и сопственик на „Дајнерс Словенија“, Томаж Ловше, го чека почетокот на судскиот процес во кој ќе одговара за финансиски малверзации и затајување данок, за кои може, доколку биде прогласен за виновен, да биде осуден и на осумгодишна затворска казна. „Дајнерс Словенија“ веќе не е негова, туку е дел на групацијата „Ерсте банк“, благодарение на која франшизата продолжи да функционира, пишува „Вечер“.

Скандалот со “Дајнерс Словенија” беше откриен во август минатата година, кога словенечката полиција го уапси сопственикот, Ловше. Ловше кон крајот на ноември, по три месеци минати во притвор, беше пуштен да се брани од слобода за досега највисоката кауција во историјата на Словенија – еден милион евра.

Токму тој е основач на “Дајнерс Клуб Словенија” уште во 1993 година, кој оттогаш е сопственост на “Финдеј ентерпрајзис” со седиште на Девствените Острови, фирма чиј сопственик, секако, е Ловше. Според Вечер, нешто слично е и во “Дајнерс Македонија”, каде што основач е фирма од европскиот даночен рај, Луксембург, која се јавува и како сопственик на станбен простор во ГТЦ, а Божидар Бобо Јанковски е директор, односно овластено лице.

Истрагата против Ловше и неговите најблиски соработници покажала дека тие успеале да инкасираат над девет милиони евра од корисниците на картичките “дајнерс”, кои во Словенија ги има околу осумдесет илјади. “Дајнерс Словенија” не го почитувала договорот со трговците кај кои можело да се пазарува со нивните картички и не ги подмирувала побарувањата, па затоа била блокирана и употребата на овој вид картички.

Тоа се однесувало не само на Словенија, туку во целиот свет, бидејќи никаде не ја примале картичката издадена од “Дајнерс Словенија”. Затоа, уште во мај минатата година словенечката централна банка, Банката на Словенија, ја одзема лиценцата за работа, а франшизата ја купува “Ерсте кард клуб”, дел од групацијата “Ерсте банк”.

Имено, Ловше ги префрлал средствата од “Дајнерс клуб Словенија” на сметките на свои компании во странство, и тоа во време кога не ги подмирувал долговите кон трговците што ја прифаќале картичката “дајнерс” како средство за плаќање. Ако се земе во обѕир дека им премногу сличности кои се открија во домашната јавност, слободно може да се постави и прашањето дали Дајнерс Македонија ја чека истата судбина како словенечката.

Според анкетниот лист на Радмила Шекеринска, заменик-претседател на СДСМ, нејзиниот сопруг инкасира 5.317 евра кирија од стан кој го изнајмуваат на “Дајнерс Македонија”, а истовремено живеат во него. Очигледно е дека заработуваат добро за услуга која не ја даваат никому освен самите на себе. Затоа, треба да се утврди и дали несразмерно високата кирија, всушност, е платата на Божидар Јанковски, а износот му се исплаќа за да се сокријат даноците и придонесите кои се многу повисоки доколку годишниот приход од 60 илјади евра е плата, а не кирија. Според грубите пресметки, на овој начин годишно се прикриваат околу 30 илјади евра данок на штета на државата.

Единствено истрага на надлежните државни органи може да утврди дали е се чисто во работењето на фирмата чиј управител е Јанковски, како и во пријавувањето на приходите на сопружниците.

Како што веќе открија неколку медиуми, приходите на “Дајнерс” растат откако СДСМ доаѓа на власт и особено кога Шекеринска е поставена за прв човек на Секретаријатот за европски прашања (СЕП). Најголемата добивка “Дајнерс” ја има пријавено токму кога Шекеринска го води СЕП, а сестрата на нејзиниот иден сопруг е одговорна за целокупното финансиско работење на ова тело.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top