Новиот чешки министер за финансии, Андреј Бабиш, кој на функцијата стапи минатата недела, смета дека еврото нема да се воведе во Чешка најмалку уште шест години.
Својот став Бабиш го напиша на својот профил на „Фејсбук“ иако и претходно во врска со усвојувањето на европската платежна валута тој изјави дека тоа прашање нема да ја засега оваа влада.
Пред именувањето на новата влада, по состанокот со претседателот на државата, Милош Земан, Бабиш рече дека со идното усвојување на еврото нема проблем. Но, исто така, додаде дека Чешка не треба да гарантира за обврските на Грција или на Шпанија.
Министерството за финансии и Чешката народна банка во документот кој во декември го изгласа претходната влада на премиерот Јиржи Руснок повторно му препорача на Кабинетот да не воспоставува конкретен датум за пристапување на земјата кон еврозоната.
Пред една година, Чешкиот завод за статистика излезе со податоци дека земјата не исполнува две од четирите барања за воведување на еврото и тоа критериумот на стабилноста на цените поради сѐ повисоката инфлација како и трипроцентниот удел на дефицитот на буџетот на домашниот бруто-производ.
Иако податоците сѐ уште не се објавени, се претпоставува дека минатата година и овие услови се исполнети.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.