Расте нивото на странски директни инвестиции. Според последните податоци на Народна банка, од јануари до ноември минатата година во земјава влегле 231,2 милион евра. Само во ноември 2013 година, СДИ се зголемиле за 21,9 милион евра.Годинава во постојните фабрики во слободните економски зони ќе бидат вработени 3.500 луѓе. Ако се анализира профилот на работници, може да се донесе заклучок дека странските компании најмногу бараат автоматичари, машински и хемиски инженери, анализира Лидер.мк
Ако се погледне табелата, ќе се види дека најдобри години од аспект на СДИ биле 2007, 2008 и 2011 година. Рекордот е поставен во 2007 година кога во земјава влегле 506 милиони евра. Следната година сме прибрале речиси 400 милиони, па доаѓаат не толку успешните 2009 и 2010, за во 2011 година нивото на СДИ повторно да се искачи на солидни 336,8 милиони евра. Најнеуспешни години биле 2006 и 2012 година кога на годишно ниво СДИ биле под 75 милиони евра. Според процените на македонските власти, странските директни инвестиции во 2014 година повторно ќе ја надминат сумата од 300 милиони евра.
Последна странска компанија што се реши да инвестира во земјава е „ИД Балкан“ од Холандија, проценета на 25 милиони евра во близина на Свети Николе. Од најавените инвестиции за годинава се и таа на италијанската ИТЕК во Тетово, вредна пет милиони евра, која ќе донесе нови 150 работни места, најавената инвестиција од Амфенол во Кочани, која долгорочно ќе отвори 1.500 работни места, инвестицијата на турски Менсан во Бунарџик која ќе отвори дополнителни 100 работни места, инвестицијата на хрватската Кумал во Штип вредна седум милиони евра, како и најавата за отворање фабрика на туниски „Кофикаб“ во Кавадарци. Не смее да се заборави дека напролет ќе почне да се гради фабриката на „Маркард“ во Велес, инвестиција тешка 35 милиони евра, која ќе донесе повеќе од 500 нови вработувања.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.