
Освен во општина Струмица каде што Зоран Заев давал тендери на фирми на свои роднини, бизнис-партнери и функционери на СДСМ, ситуацијата не е многу поразлична и во Куманово, каде што е градонаќалник Зоран Дамјановски, кадар на СДСМ, тврди владејачката партија ВМРО ДПМНЕ.

– Зоран Дамјановски работи по моделот на Зоран Заев. Фирмата на сегашниот директор на ЈП Водовод Куманово, Горан Стојковски, кој е син на поранешен пратеник на СДСМ, добивала големи тендери во Општина Куманово. Прво бил добавувач, а сега и директор. Станува збор за фирмата „ЕлектроКуманово“ од Куманово каде што еден од сопствениците е споменатиот Горан Стојковски, син на поранешен пратеник во Собранието на Република Македонија од редовите на СДСМ. Стојковски во 2013 година е поставен од страна на Зоран Дамјановски за генерален директор во ЈП Водовод Куманово. Фирмата „ЕлектроКуманово“ на Стојковски, во периодот од 2008 до 2010 година потпишала 14 договори за јавни набавки со Општина Куманово. „ЕлектроКуманово“ со овие договори вршела набавка и монтажа на материјали за улично осветлување како и изградба на улично осветлување во Куманово. Преку овие договори кои ги потпишал Дамјановски, фирмата „ЕлектроКуманово“ од сите 14 договори со Општината се офајдила со неверојатни 14.183.493 денари. Очигледно е дека и Дамјановски го користел истиот начин како на Зоран Заев со доделувањето на тендери на синот на поранешниот пратеник од СДСМ и актуелен директор на ЈП Водовод Куманово. Во Струмица така и во Куманово се доделувале тендери на фирми чии сопственици се луѓе од СДСМ. Нема разлика дали е Зоран Заев или Зоран Дамјановски, моделот е ист – изјави Александар Колев од ВМРО ДПМНЕ.













Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


