Пуштен во употреба на локалниот пат Ерџелија – Мустафино, Свети Николе, во должина од 3,14 километри, широчина 5 метри и инвестициска вредност од 11,2 милиони денари. Во Свети Николе досега се реконструирани и рехабилитирани четири локални патишта во вредност од 30 милиони денари, а оваа година треба да се отпочне со реконструкција на локалниот пат од село Амзибегово до село Црнилиште, во должина од 2,5 километри.
„Она што беше долгогодишен проблем на жителите веќе е надминат. Сега имаме сосема нов пат кој ќе овозможи подобра комуникација со градот, помалку време за патување, подобар пристап до земјоделските земјишта и секако помали можности за уништување на возилата. Она што ние го ветивме денес е остварено”, изјави премиерот Никола Груевски, кој присуствуваше на пуштањето во употреба на овој пат.
Во интерес на општина Свети Николе покрај овој проект, како што посочи македонскиот премиер, комплетно е реконструиран патот Црнилиште – Сарамзалино, направен е патот Ерџелија – Кадрифаково, се прошири и реконструира патот Свети Николе – Немањици, а е направена и делницата Мечкуевци – Куково со која првпат Свети Николе и Пробиштип асфалтно се поврзаа по целата должина на патот. Во наредниот период, најави тој, се планира и изградба на патот до Ерџелија, а она што е исто така битно за општина Свети Николе, подвлече, е хидросистемот „Злетовица” на кој повеќе години се работи и од каде што оваа општина беше првата која започна да користи вода за пиење.
Според Груевски, уште во фазата на изградба на автопатот ќе се раздвижи целата економија, ќе се отвори работа за многу градежни фирми, ќе има приход за многу работници како од градежништвото, така и од сите други гранки кои се поврзани со градежништвото. Откако ќе се изгради автопатот Свети Николе ќе биде општина која е одлично поврзана со целиот регион, а времето за патување кон Скопје и кон останатите градови ќе биде сериозно намалено, посочил Груевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.