Западот не може да ги реши големите меѓународни проблеми без учество на Русија и неопходно е да се развива таа соработка, но и Москва не смее да се откажува од барањето заеднички основи со западните партнери, изјави министерот за надворешни работи на Германија, Франк-Валтер Штајнмаер во саботата на Минхенската безбедносна конференција.
„Потребно е да ги најдеме заедничките точки со Русија, за поконструктивно да ја развиваме нашата соработка. Само со помош на Русија ное можеме да го решиме иранскиот проблем, а исто така и проблемот на уништување на хемиското оружје во Сирија. Европската политика против Русија нема иднина. Меѓутоа, и Москва мора да одлучи кои се нејзините заеднички точки со Европа и да го формулира за себе тие позиции”, изјави шефот на германската дипломатија Франк-Валтер Штајнмаер.
Додаде дека за четирите години откако ја напушти функцијата министер за надворешни работи (Штајнмаер беше министер во периодот од 2005 до 2009 година, во периодот на претходната влада на „големата коалиција”), светот многу се изменил. „Конфликтите се приближуваат до границите на Германија. Ја имам предвид, особено, Украина. Европа не ги сфаќа потполно и причините за ескалацијата на конфликтот меѓу Кина и Јапонија…”, рече Штајнмаер.
Коментирајќи ги немирите во Киев и други украински градови, германскиот министер за надворешни работи го повика украинскиот претседател Виктор Јанукович да ги исполни барањата на опозицијата. „Ако бурето барут може да експлодира во секој момент, не смееме да си дозволиме да губиме време. Затоа мораме да бараме до претседателот Јанукович да одговори на барањата на опозицијата”, додаде.
Шефот на германската дипломатија истакна дека Берлин морал да биде подготвен да учествува во претходните фази од решавањето на кризата, и неговото учество требало да биде поконкретно.
„Германија ќе остане движечки фактор на заедничката надворешна и безбедносна политика. И во тој дух ги преиспитуваме нашите пристапи кон процесите на укажување помош, во Мали, на пример. Во крајна линија, и употреба на воена сила, како последна мерка. Но јас би рекол дека тоа не значи немешање. Германија е многу голема земја за само да ги коментира прашањата на меѓународната политичка сцена”, истакна Штајнмаер.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.