На туристичкиот брод на компанијата „Ројал Карибиен“, каде што заболеа приближно 700 патници и членови на екипажот, имало и Македонци, Срби, Црногорци, Хрвати и Босанци, објави Телеграф.мк.
Според информациите до кои дошол „Телеграф“, присутните од Балканов биле со работни договори на бродот, а работеле на различни позиции, кувари, инженери и друго. Вирусот направил вистински хаос на бродот, а симптомите биле неконтролирано повраќање и дијареја. Како што ни раскажа еден српски државјанин кој работел на „Морски истражувач“, тој ден било вистински хаос, а на бродот се ширела неподнослива смрдеа.
– Лошо беше за тие што го фатија вирусот, беше гадно и гнасно, но, за среќа, брзо се исчисти. Моравме да носиме маски и да се изолираме од заболените за да не настане дополнителен хаос ако и останатите го фатат вирусот. Но, за среќа, брзо го исчистија бродот и се вративме на пристаништето два дена порано од планираното – вели Србинот, кој сакаше да остане анонимен за да не ја загрози својата работна позиција.
Тој потврдил дека на бродот има и Македонци кои работат, но, за среќа, не биле меѓу заболените.
– Има Македонци, Срби, Хрвати, исто така и од Црна Гора и од Босна и Херцеговина, но колку што успеав да ги видам и да контактирам со нив, тие не се меѓу оние што го фатија вирусот. Работиме на различни позиции и немаме многу време за да се видиме. Додека крстариме сите работиме со полна пареа – вели тој.
Во обид за повеќе информации за присутните Македонци, „Телеграф“ го контактирале Зоран Кочоски од корпорацијата „Коузон“, што е посредник за работа на брод за компанијата „Ројал Карибиен“.
– Немам точна информација колку има на тој брод, но овие работи се случуваат често, а понатаму одговорност презема компанијата што го управува бродот – прокоментирал Кочоски.
Претставници на Центарот за контрола и превенција на болести од САД го посетиле бродот додека се наоѓал во пристаниште на Девствените Острови, при што ги прегледале заболените. Компанијата „Ројал Карибиен“ се извини за направената штета и најави дека ќе им врати на патниците дел од парите што
ги уплатиле и дека за следно крстарење ќе имаат и попуст. Патувањето на бродот беше прекинато.
Според американските медиуми, досега сè уште не е утврдена причината од што настанал вирусот, дали од контаминирана храна или станува збор за нешто друго. Интересно е што бродот денеска тргнува на ново крстарење кон Доминиканската Република и Хаити.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.