Македонија и земјите во регионот првпат ќе добијат реална слика за состојбата со оралното здравје на населението која ќе биде основа за креирање стоматолошка здравствена мрежа и предлог финансиска конструкција за потребниот третман на оралните заболувања.
Овие новини се очекува да произлезат од анализата на состојбата на оралното здравје,организациската поставеност и кадровскиот потенцијал на секторот во Македонија, Хрватска, Словенија и Босна и Херцеговина, што ќе биде спроведена од нивните стоматолошки комори здружени во групата К-4.
Ова се дел од заклучоците на дводневната работна средба на членовите на К-4, која почна вчера во Скопје, а денеска на прес-конференција ги презентираше претседателот на Стоматолошката комора на Македонија, проф.д-р Марија Накова. Основна цел на К-4, која постои шест години, како што рече, е да се изврши нивелирање и доближување на законските и стручните норми во стоматологијата бидејќи медицината, биотехнологијата не бара граници, а премисите за примена на стоматолошката здравствена заштита се идентични во четирите држави.
Накова посочи дека на состанокот кој продолжува и денеска ќе биде разгледано и прашањето за обезбедување меѓународна комисија при издавање лиценци за работа во Македонија со цел во одредени услови кога престојуваат во земјите од К-4 или при одржување разни курсеви и семинари, нивните колеги да можат да вршат апликативна дејност.
– Стоматолошките комори на Хрватска и Словенија ќе ни помогнат да изготвиме проект, кој ќе биде меѓународен и со нивна помош ќе се обидеме да го финансира Европската унија за да направиме пресек на оралното здравје во Македонија и на морбидитетот на болестите во државата- додаде Накова.
Претседателот на Стоматолошката комора на Хрватска, Хрвоје Пезо рече дека се направени големи чекори кои резултираат со подобра регулација на стоматолошката професија и подобри услуги кои ги добиваат граѓаните на Македонија.
– Чекорите кои се направени во последните години ја подготвуваат професијата за регулација и ги подготвуваат македонските стоматолози да бидат во самиот врв на професијата во Европа. Секако има уште многу работа, релативно доволно време и запознавајќи го водството на Стоматолошката комора на Македонија не се сомневам дека таа работа ќе биде завршена во најдобар ред-рече Пезо.
Тој додаде дека светските и европските стоматолошки организации укажуваат оти патолошките состојби во устата се почеток и најава на сериозни системски болести, појавата на патолошките канцерогени состојби во устата се се поголеми, а превентивните процеси се се
повеќе потребни.
На прес-конференцијата беше најавено одржувањето меѓународен симпозиум насловен „Нови технологии во стоматологијата“ во октомври во Скопје, во организација на К-4 групата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.