Од социолошки агол на гледање, околу 70 проценти од православните христијански верници имаат карактеристики на традиционален тип верник. Тоа се верници што ниту ја прочитале Библијата ниту, пак, имаат каква било религиска наобразба, па со самото тоа воопшто не ги познаваат суштината и значењето на големите религиски празници. Поради тоа, на Богојавление не го прославуваат крштевањето господово, туку се фрлаат во вода за да добијат материјална корист во вид на подароци од најразлични донатори. Вака Зоран Матевски, професор по социологија на религија, ги коментира случувањата на овогодишниот верски празник Водици кога се скокаше по наградите, а не по крстот. Професорот, кој е еден од водечките експерти што се занимаваат со оваа проблематика во светски рамки, истакна дека МПЦ-ОА има негативни примери на духовни водачи кои го преферираат материјалното во однос на духовното. Ја споменува иритираноста на верниците кога, и покрај заветот на сиромаштво, ќе видат монаси што се служат со скапи мобилни телефони и се возат со луксузни џипови. Црквата, советува тој, мора да посвети многу поголемо внимание на ова прашање бидејќи монаштвото е јадрото на духовната чистота на Црквата и со право верниците најмногу ги бараат своите духовни водачи во монашките редови.
Имате ли чувство дека во последно време народот и црквата сѐ повеќе се оддалечуваат едни од други? Верниците сѐ помалку имаат доверба во верските водачи, а тие, пак, како да немаат идеја како да го приберат своето стадо во светите храмови. На што се должи тоа?
Матевски: Во социологијата на религијата МПЦ-ОА ја третираме како типичен пример на народна Црква, што значи дека таа уште од своето основање, па до ден-денешен ги застапува интересите на македонскиот народ од религиски, национален и политички карактер. Тоа подразбира дека Црквата секогаш ја ставала во своите приоритети идејата за привлекување на своите верници, особено во минатото кога тие биле под туѓи интереси и влијанија (турски, српски, грчки). Меѓутоа, по падот на комунизмот и формирањето на Македонија како самостојна држава, МПЦ-ОА како по малку да скршнува од тој пат, најмногу под влијание на глобалните процеси на конверзија. Република Македонија е типичен пример на земја каде што, практично, не постои процесот на конвертирање (премин од една религија во друга). Бидејќи постои исклучително висок степен на поврзаност меѓу религискиот и националниот идентитет, македонските православни верници (со ретки исклучоци) не преминуваат во ислам затоа што тоа се третира како чин на предавство од страна на сопствената етничка заедница. Со самото тоа, МПЦ-ОА е сигурна за бројноста на своите верници и на некој начин го запоставува процесот на нивно придобивање. Меѓутоа, клучниот проблем се јавува во моментот кога верниците треба да дојдат во светите храмови за време на неделните и празничните литургии. Иако Македонија е земја со висок процент на декларирани верници, таа во исто време е пример на земја во која верниците во просек одат на литургија трипати годишно (на Велигден, на Божик и на куќна слава). Социолошките истражувања што се направени покажуваат дека процентот на убедените верници што редовно одат на неделни литургии не е поголем од 10. Бидејќи тој процент е константен од осамостојувањето до денес, можам да констатирам дека не постои процес на драматично оддалечување на верниците од Црквата и обратно.
Колку луксузниот живот на владиците, нивните скапи автомобили и другите материјални добра што ги уживаат влијаат врз губењето на довербата во свештениците?
Матевски: Како одговор на ова прашање, како прво морам да го истакнам неспорниот факт дека постои извесна доза доверба на верниците кон свештениците. Истражувањата покажуваат дека граѓаните на Република Македонија имаат најголема доверба во политичките и религиските институции. Тоа значи дека довербата не е загубена, туку е намалена по својот интензитет. За тоа, секако, придонесува и начинот на живот на владиците во однос на користење и поседување материјални добра. Сепак, морам да констатирам дека редовниот и практичниот живот на членовите на Синодот на МПЦ-ОА и високите религиски великодостојници не е екстремно луксузен, особено ако се направи компарација со другите православни цркви во светот. Како илустрација може да се наведе примерот на рускиот патријарх Кирил, кој со својата свита на телохранители и скапи „мерцедеси“ прави хаос во сообраќајот на Москва и на тој начин ги иритира верниците. Грчката православна црква само од изнајмување на своите објекти има месечен прилив од 20 милиони евра. Неоспорен е фактот дека и МПЦ-Оа не ја тресат такви финансиски скандали каков што е тоа случај со Српската, Бугарската и Романската православна црква. Се разбира, тоа не значи дека одредени владици на МПЦ-ОА не треба сериозно да се преиспитаат за нивниот дисбаланс меѓу духовното и материјалното, особено затоа што секој владика претходно треба да се замонаши. А, како монаси го дале, меѓу другото, и заветот за сиромаштво. Некои, за жал, како да го подзаборавиле тоа.
Сметате ли дека негативниот пример на духовните водачи го прифаќаат и верниците, па наместо по духовното, сѐ повеќе посегнуваат по материјалното?
Матевски: Се разбира дека и во МПЦ-ОА има негативни примери на духовни водачи кои го преферираат материјалното во однос на духовното. Верниците особено се иритирани кога, и покрај тој завет за сиромаштво, ќе видат монаси што се служат со скапи мобилни телефони и се возат со луксузни џипови. Црквата мора да посвети многу повеќе внимание на ова прашање бидејќи монаштвото е јадрото на духовната чистота на Црквата и со право верниците најмногу ги бараат своите духовни водачи од монашките редови. Ако нивните духовни водачи го преферираат материјалното пред духовното, сосема е нормално дел од верниците, следејќи го нивниот пример, да тргнат по погрешен пат. Сепак, имајќи ги предвид резултатите од истражувањата, кои покажуваат дека процентот на верници што одат на неделни литургии во манастирите е многу повисок од тие што одат во Црквите (во поголемите градови), сметам дека монаштвото со своите позитивни примери на духовен живот е клучен фактор во евентуалното приближување на верниците кон Црквата. Особено поради фактот што верниците многу почесто за свои духовни водачи избираат монаси во однос на свештеници.
Последен пример на елементарно непочитување на вредностите на кои учи православната вера видовме на празникот Водици, и тоа на повеќе локации во земјава. Сите тие инциденти вистинските верници ги доживеаја како навреда и обесчестување на големиот празник, на кој се славеше крштевањето господово. За жал, таквите појави сѐ почесто ни се случуваат од година во година. Која е причината и чија е вината?
Матевски: Искуствата покажуваат дека секогаш кога одредени религиски празници се поврзуваат со македонски традиционални обичаи, постои опасност да се наруши суштината на христијанскиот празник. Тоа не е случај само со славењето на Богојавление, туку и со големите христијански празници, како што се Бадник, Божик, Успение на Пресвета Богородица, па дури и Велигден. Суштината лежи во тоа што околу 70 проценти од православните христијански верници, од социолошки агол на гледање, имаат карактеристики на традиционален тип верник. Тоа се верници што ниту ја прочитале Библијата ниту, пак, имаат каква било религиска наобразба, па со самото тоа воопшто не ги познаваат суштината и значењето на големите религиски празници. Поради тоа, на Богојавление не го прославуваат крштевањето господово, туку се фрлаат во вода за да добијат материјална корист во вид на подароци од најразлични донатори. Не познавајќи ја суштината на предвестието на Христовото раѓање, на Бадник се палат огнови околу кои се пие и се јаде прекумерно за време на божикниот пост. Децата пеат бадникарски песни кои не само што немаат никаква врска со Христовото раѓање, туку и го обесчестуваат најавувањето на Христовото раѓање. И како круна на сѐ, за време на празникот Успение на Пресвета Богородица се колат јагниња во дворовите на религиските објекти, со што се урива и темелното начело во христијанството.
Имате ли впечаток дека младите генерации им се предаваат на пороците наместо на Бога. Постои ли процес на самоуништување?
Матевски: Не би рекол дека постои процес на самоуништување кај младите, туку кај нив постои своевиден вакуум на морални вредности. За време на социјализмот, во поранешната држава СФРЈ постоеја таканаречени социјалистички морални норми и вредности. Со падот на комунизмот тие вредности отидоа во минатото и се чекаше да се етаблираат таканаречените граѓански и демократски морални вредности. Но, етаблирањето на новите вредности, кои се темелат на почитување на основните човекови права и слободи, се одвива многу бавно бидејќи во Република Македонија е многу слаб интензитетот на демократската и на политичката култура. На тој начин се создаде вакуум на морални вредности и како последица на тоа, енормно се зголеми процентот на алкохолизам, наркоманија, проституција, разводи на бракови итн. Младите сѐ повеќе се оддаваат на овие пороци и се однесуваат според правилата на хедонизмот како филозофија на уживање. Еден од начините да се надмине овој пад на моралните вредности е младите да се вратат на старите и подзаборавени семејни вредности, кои се базирани на православното христијанство (почитување на родителите, почитување на постарите и враќање кон љубовта како врвна морална вредност).
Колку е важна улогата на Црквата во опстојувањето на македонскиот идентитет и култура?
Матевски: Како што истакнав и на почетокот, улогата на МПЦ-ОА во зачувувањето на македонскиот идентитет, јазик, култура и обичаи е огромна и непроценлива. Тоа се потврдувало во минатото, а се докажува и сега преку кристално јасниот став на МПЦ-ОА во однос на спорот со Грција и во врска со името и националниот идентитет. Сепак, оваа улога Црквата може да ја зајакне уште повеќе во своите контакти со другите христијански цркви, не само со православна туку и со католичка и протестантска провиниенција. Овде, пред сѐ, мислам на Ватикан и на одличните односи што МПЦ-ОА ги има со Светата столица. Имајќи го предвид фактот дека Ватикан е еден од клучните играчи на политичката и на економската сцена во светски рамки, многу поинтензивно може да се искористи сето тоа во решавање на сите проблеми поврзани со спорот со името и со сите останати проблеми што Македонија ги има со соседните држави. Ватикан како трета економска сила во светот може да ѝ помогне на Македонија многу, се разбира доколку сака, но за тоа треба и да биде адекватно анимирана од страна на МПЦ-ОА. Под ова, секако, не подразбирам МПЦ-ОА да влезе во некаков унијатски сојуз со Ватикан, туку да побара помош од Светата столица или од Германската протестантска црква, на пример, следејќи ја јасно својата улога во рамките на православната вселена.
Ја исполнува ли Црквата својата улога?
Матевски: МПЦ-ОА треба многу повеќе да ги зајакне својата улога и влијание како врз православните верници, така и врз македонското општество воопшто. Следствено на сето тоа што го истакнавме претходно, на МПЦ-ОА треба да ѝ биде приоритет конечно, 25 години по падот на комунизмот, да ги образува своите верници теолошки, кои според сите мои истражувања се едни од најнеедуцираните на Балканот и во Европа. Тоа може да се направи на неколку начини: преку зајакнување на проповедта, која, за жал, сѐ уште има функција на проформа на крајот од литургиите, преку зајакнување на веронауката во религиските објекти, како што тоа, на пример, исклучително добро го прави Исламската верска заедница во своите мехтеби; преку отворање специјализирани радио и телевизиски канали, каде што, користејќи го огромното влијание на мас-медиумите, младите може да се едуцираат теолошки на исклучително успешен начин (типичен пример за такво нешто се Србија и Хрватска). На тој начин би можела да се оствари и втората, според мене, најзначајна улога на Црквата, а тоа е да ги привлече верниците барем еднаш неделно да одат на литургија. Во таа насока Црквата би требало да ги преиспита сите начини преку кои ќе ги привлече младите на неделна литургија, а во рамките на тоа е прашањето за поместување на времето на почетокот на литургијата, внесување одредени вонцрковни содржини (музички, културни) и слично.
Моќта на верските лидери за ширење на верската толеранција е огромна, мислите ли дека МПЦ и ИВЗ се доволно посветени на таа цел?
Матевски: МПЦ-ОА и ИВЗ, како две најголеми религиски организации во Република Македонија, големо внимание посветуваат на прашањето на религиската толеранција. Тоа најмногу се должи на фактот што државата откако преку своите политички институции воведе религиско образование во државните училишта и го изврши процесот на денационализација на имотите на религиските заедници, за возврат директно побара од МПЦ-ОА и од ИВЗ да ја одработат религиската толеранција како еден од суштинските предуслови за влез на Република Македонија во ЕУ и во НАТО. Сепак, социолошките истражувања што се правени на оваа проблематика покажуваат дека религиската толеранција во Македонија е дозирана. МПЦ-ОА е толерантна сѐ додека не го доведете во прашање идентитетот и името на Црквата, додека ИВЗ е толерантна до оној момент кога албанските политички партии, без разлика дали се на власт или во опозиција, ќе дадат јасен сигнал да се застане со тој процес. Исто така, религиската толеранција на овие две религиски заедници е повеќе декларативна отколку суштинска. Како пример ќе го наведам конфликтот од 2001 година, кој беше сѐ само не религиски конфликт. Ниту МПЦ-ОА ниту ИВЗ не се директни виновници за тој конфликт бидејќи не беа прашани за тоа, но не можеме целосно да ги амнестираме. И двете религиски организации сносат директна одговорност не за тоа што направија, туку за тоа што не го кажаа, а требаше да го кажат јасно за да ги смират меѓурелигиските и меѓуетничките тензии во земјата.
Сметате ли дека постои верска нетрпеливост во земјава и ако има, може ли таа да предизвика и други видови криза?
Матевски: Не би рекол дека постои класична верска нетрпеливост, туку постои едно паралелно коегзистирање на две религиски конфесии во земјава: православна и исламска. Поради тоа, тешко би можеле да очекуваме дека во Република Македонија ќе се реализираат одредени екуменистички и неоекуменистички процеси на помирување меѓу православните и исламските верници. На ова мало парче земја се допираат две големи цивилизации и култури: православната култура и византиската цивилизација од една страна и муслиманската култура и исламската цивилизација од друга страна. Дали ќе се случи судир на овие две култури и цивилизации или ќе преовладеат процесите на мултикултурализам и религиска толеранција и соживот, тешко е да се каже и прогнозира. Меѓутоа, сепак, сметам дека, со оглед на фактот дека христијанските и исламските верници долго време егзистираат на овие простори во мир и соживот, ќе преовладеат основните принципи на мултиконфесионализмот, се разбира со поддршка на МПЦ-ОА и на ИВЗ. Во тој контекст, улогата на религиските лидери може да биде од круцијално значење.
Косовските власти веќе отворено признаваат дека исламот што им доаѓа од Исток им претставува огромен проблем за одржување на секуларноста на државата. Не е тајна дека и во Македонија има многу „проповедници“ на радикалниот ислам иако не се прифатени од следбениците на традиционалниот ислам. Колку е опасна целата таа ситуација и кои се можните последици ако не се сфатат сериозно?
Матевски: Ова е многу сензитивно прашање за кое треба да се најдат соодветни решенија. Тоа што за мене и за други социолози на религијата, кои го истражуваат ова прашање, е загрижувачко лежи во фактот што голем број активни членови на ИВЗ своето теолошко образование го завршиле во Саудиска Арабија како главен економски поддржувач на исламскиот фундаментализам. Во моментов од страна на ИВЗ во Република Македонија се ангажирани 60-80 лица што своето теолошко образование го завршиле во Саудиска Арабија и се активирани како наставници по предметот религија и етика во основните училишта, како хатиби и оџи кои проповедаат за време на петочните молитви, како вероучители во рамките на сериозно организирана верска настава во џамиите итн. Доколку само 10-20 проценти од нив се „инфицирани“ со вирусот на радикалниот ислам, тоа би можело да претставува сериозна закана за религиската и за меѓуетничката толеранција. Според мене, погрешна е тезата дека структурите на радикалниот ислам може да бидат внесени во државата само од надвор, туку основани се претпоставките дека ги имаме внатре во рамките на ИВЗ. Само е прашање дали тие што го преферираат религискиот фундаментализам ќе одберат мирни или радикални чекори при нивното дејствување.
Разговараше: Ненад Мирчевски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со проф. Зоран Матевски е објавено во 73. број на неделникот Република)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст