| четврток, 6 декември 2018 |

Дино Раџа: Би го направил истото со хрватското знаме како Дивац

Поранешниот хрватски кошаркар Дино Раџа рече дека и тој би го направил истото што го направи Владе Дивац со знамето на Хрватска бидејќи во тоа време не се грижеле за политика.

Откако Југославија станала кошаркарски светски шампион во Аргентина во 1990 година, Дивац го фрлил хрватското знаме, по што стана омразен во Хрватска.

– Дивац тогаш направи нешто што и јас би го направил. Имавме 22 години, не се грижевме за политиката и сѐ што се случуваше. Ние само сакавме да бидеме светски шампиони – изјави Дино Раџа.

– И мене некој тогаш да ми дојдеше со српско, италијанско или кое било друго знаме, јас ќе го направев истото што го направи и Владе. Тоа тогаш не беше мое знаме. Ние тогаш игравме за Југославија, не за Хрватска, ниту за Србија. Многу се зборуваше потоа, дека Дивац го газел знамето, го удрил човекот, го плукнал. Ако подобро го погледнете видеото, ќе видите дека ништо од тоа не се случи – додаде Раџа.

Дивац и натаму е омразен во Хрватска иако неодамна во документарниот филм објавен на „И-Ес-Пи-Ен“, „Некогаш браќа“, јавно објасни зошто го направил тоа.

– Владе е едно големо дете. Таков беше тогаш, таков е и денес. Тој ми беше пријател и ми остана. А, ние на овие простори сме проклети. Наместо да се угледаме на генералот Анте Готовина, да ги послушаме неговите зборови, наместо да гледаме во иднината, ние се враќаме во минатото. Ужас – вели Дино Раџа.

Дино Раџа ќе учествува на натпреварот меѓу студенти и ветерани кој ќе се одигра во Белград, а ќе учествуваат неколку легендарни европски кошаркари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top