| четврток, 6 декември 2018 |

Тектонски промени во софтверскиот гигант „Мајкрософт“

Nadela

Американецот со индиско потекло Сатја Надела ќе биде новиот извршен директор на софтверскиот гигант „Мајкрософт“. Надела работи во компанијата повеќе од 20 години, а неговата последна позиција била извршен потпретседател на групацијата „Мајкрософтс клоуд анд ентерпрајс“ (Microsoft’s Cloud and Enterprise). Тој доаѓа на позиција што досега ја извршуваше Стив Балмер, кој уште во август најави дека се повлекува.

Четириесет и петгодишниот Надела е роден во Индија и има повеќе дипломи за електроника, компјутерски науки и за деловна администрација. Нему му се припишува заслугата за создавање повеќе производи, меѓу кои и „бисток“ (BizTalk) серверот, кој ја унапреди позиционираноста на компанијата меѓу деловните клиенти.

Сепак, најпознат е по надгледувањето на иницијативите на „Мајкрософт“ на интернет, каде што пребарувачот „виндоус лајв срч“ (Windows Live Search) го трансформираше во „бинг“ (Bing). Со таа промена, пазарниот удел на компанијата во делот на пребарувачи на интернет се искачи на 18,2 проценти, според последните податоци.

Сепак, скептиците истакнуваат еден голем хендикеп за него: Надела никогаш не бил главен извршен директор, за разлика од неговите ривали во компанијата како што е Тони Бејтс, кој своевремно го раководеше „Скајп“, или како некои од кандидатите од надвор, како што е Алан Мулали од „Форд“, кој исто така се споменуваше како опција.

Меѓутоа, бордот на „Мајкрософт“ подготвува терен за една уште поголема смена – бара замена за Бил Гејтс како претседател на корпорацијата, објави „Блумберг“. Како најсериозен кандидат за таа позиција се споменува главниот независен директор на „Мајкрософт“ Џон Томсон.

Сепак, познавачите предвидуваат дека ако бордот се реши за човек однатре како извршен директор, тогаш веројатно за претседател ќе бара некого надвор од компанијата.

– Ако се решат за извршен директор, кој досега, практично, работел веднаш до Стив Балмер, тогаш мора и на инвеститорите да им дадете нешто. Очигледно е дека тоа ќе биде голема промена, историска промена, но исто така е очигледно дека на „Мајкрософт“ му треба промена во стратегијата за следната фаза од развојот- вели Даниел Ивс, аналитичар за ФБР „Капитал маркетс“.

Ако и Гејтс замине заедно со Балмер, тоа ќе значи дека компанијата за софтвер наскоро ќе остане без двете најважни фигури за досегашниот развој. Во целата историја на компанијата, на позицијата извршен директор на „Мајкрософт“ досега биле единствено Гејтс и Балмер.

58-годишниот Гејтс, кој голем дел од своето време посветува на Фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“ и на хуманитарните напори, неодамна изјави дека има намера целосно да се посвети на филантропија до крајот на животот, а во „Мајкрософт“ да остане само како член на Бордот.

Промените во врвот на веројатно најмоќната ИТ-компанија се случуваат во клучен момент, кога „Мајкрософт“ се обидува се повеќе да се оддалечи од своите почетоци како производител на софтвер и да се фокусира на производство на хардвер и интернет-услуги. Ривалите како што е „Епл“ веќе ја изместија технолошката трка надвор од полето во кое е најсилен „Мајкрософт“ – персоналните компјутери и ја префрлаат на теренот на мобилните уреди.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top