Силвија Стојановска пред 23 години ја глумеше Нина во култната претстава „Чија си“ на македонскиот драматург Сашко Насев, а луѓето од театарот сакаат да кажат дека тоа беше првата македонска претстава на Драмски од осамостојувањето на Македонија во деведесеттите години на минатиот век. Точно 23 години подоцна, Стојановска го глуми истиот лик во истата претстава, која доживува римејк во Драмски театар. Тоа беше претстава што се изведе 183 пати на сцената, секогаш пред полна сала, и заедно со „Грев или шприцер“ и „Солунски патрдии“ се едни од најиграните претстави во театарот во скопската населба Карпош 2. За чувството како е да се биде Нина сега и тогаш, за тоа како сега ја доживува „Чија си“, за Скопје, за маалата во градот и за среќата како човечка категорија разговаравме со Силвија во нејзиниот дом. Неизбежно беше и прашањето за нејзиниот татко Ацо Јовановски и како е да се расте покрај таков човек, и за нејзиниот прерано починат сопруг Ненад Стојановски, еден од бардовите на македонското глумиште.
Силвија е позната театарска, филмска и телевизиска актерка. Позната е по своите улоги во телевизиската серија „Комедијанти“, „Погрешно време“, потоа во „Црвениот коњ“, „Заминувањето од Пасквелија“, „Пред дождот“, „Трета доба“, „Како убив светец“, а за улогата на Наташа во претставата „Карамазови“ е добитник на специјалната награда за млад актер на театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Не се заборава нејзиното остварување во „Време на летала“, како и во претставата „Грев или шприцер“ во Драмски театар, покрај „Чија си“. Во првата поставка на оваа претстава режисер беше сега веќе починатиот Димитар Станковски, кој направи маестрално дело од текстот на Сашко Насев, а режисер на втората изведба, која имаше премиера неодамна, е Љупчо Ѓорѓиевски.
Оваа претстава е дел од заложбата на Драмски театар за оживување на некогашните хит-претстави. Дали сметате дека со овој потег ќе се привлече и помлада публика, или претставата ќе ја гледаат само повозрасните?
СТОЈАНОВСКА: „Чија си“ не е обид за заживување на поранешните култни претстави во Драмски театар и тоа го нагласи и директорот Роберт Велјановски пред премиерата на претставата, туку реализација на програмата на поранешниот директор Бранко Ѓорчев, кој, за жал, прерано почина. Велјановски, едноставно, сакаше да се реализира програмата што ја имаше предвидено Ѓорчев. А за тоа дали оваа изведба на „Чија си“ ќе привлече и нова публика, останува да видиме. Се согласувам дека повозрасната публика, која веќе ја гледала првата поставка на „Чија си“, доаѓа на овие претстави во Драмски театар да ја види и оваа изведба, но искрено верувам дека ќе привлече и нова публика. Драмски отсекогаш имал млада публика, која потоа, како што расте и созрева, доаѓа на сите наши претстави.
Старата поставка на тогашната култна „Чија си“ имаше 183 изведби, секогаш се играше пред полна сала и се бараше билет повеќе. Колку и да звучи неблагодарно, може ли оваа „Чија си“ да го повтори успехот на првата претстава?
СТОЈАНОВСКА: Првата „Чија си“ по 183 изведби, едноставно, беше прекината, односно симната од репертоарот. Ако продолжевме да ја играме, верувам дека ќе имаше уште многу изведби. За втората претстава тврдам дека ќе ја надмине и првата. Игра истата екипа, сите сме повозрасни и поискусни и лично сметам дека заедно со прекрасниот човек и исклучителен професионалец, режисерот Љупчо Ѓоргиевски, создадовме претстава што ќе ја надминеме првата изведба.
Сега сте 23 години повозрасни од првата премиера на „Чија си“. Како од оваа дистанца Ви се чини претставата?
СТОЈАНОВСКА: Ликот на Нина, кој го играв и тогаш и сега, е така напишан, што дава можности за различно толкување. На секое препрочитување на текстот, се наоѓа нешто ново, кое може да се изведе. Сега, 23 години подоцна, сметам дека имам повеќе искуство зад себе за да можам поинаку да го изградам ликот на Нина.
По 23 години, може ли да кажете дека нешто се променило во маалскиот живот во Скопје? Имате ли чувство дека овие маала за кои пишува Сашко Насев во своите претстави веќе не постојат и дека нешто друго му се случува на градот?
СТОЈАНОВСКА: Скопје расте, се развива и се шири и тоа е еден нормален процес. Кога јас бев дете, растев во Црниче, тогаш постоеја маала, како Дебар маало, на пример. Во времето на моите родители, на пример, постоеле други маала – Пајко маало, Еврејско маало Маџир маало… По земјотресот, се изградија нови населби во кои освен скопјани, се населија и жители од други места, бројот на жители во градот се зголемувa, па така имате аеродромци, центарци, луѓе од Карпош, од Ѓоче Петров… Интересно е тоа што во Ѓорче Петров, населбата каде што е сместено дејството на претставата, никогаш не живееле многу скопјани, туку дојденци од други градови и тие жители никогаш таму не говореле скопски, но се труделе да го совладаат скопскиот јазик. Затоа и во претставата не преовладува скопскиот јазик. Денес многу луѓе живеат во Скопје и се загуби духот на градот што постоел порано. Како ќе заврши тоа, останува да видиме. Бидејќи духот на еден град го прават луѓето што живеат во него и нивните навики.
Нашиот писател Венко Андоновски вели дека среќата е верна човекова сенка и доколку не ја бркате, ќе биде тука до Вас. Се согласувате ли со ова тврдење?
СТОЈАНОВСКА: Среќата не доаѓа сама. Треба да ѝ помогнеш да дојде. Да, ми се допаѓаат зборовите на Андоновски и може да кажам дека се согласувам со него. Ако сме отворени за нови работи, ако сме решиле да ни се случуваат убави нешта, тогаш многу е веројатно дека и работите ќе ги придвижиме во тој правец. Среќата е човечка категорија кон која сите тежнееме.
Што пронајдовте ново во читањето на оваа „Чија си“? Сашко Насев изјави дека оваа претстава на еден начин го одбележила неговото творештво. Дали е тоа случај и со Вашата кариера?
СТОЈАНОВСКА: Не, не можам да кажам дека оваа претстава ми ја одбележила кариерата или ми го трасирала патот понатаму во актерските води. Имам одиграно многу улоги во животот и оваа е една од нив. А за новото во „Чија си“, би го цитирала Љупчо Ѓорѓиевски – само да се сакаме повеќе! Сите сме повозрасни за 23 години, со поголемо животно и актерско искуство, така што, секако дека има ново, подлабоко, позрело во оваа изведба.
Гледате ли и денес страст за живот кај луѓето? Има ли во ова време, кога животот ни станува поинаков, страст да се слави животот?
СТОЈАНОВСКА: За жал, не гледам некоја страст кон животот денес. Можеби порано во некое друго време, кога луѓето поинаку гледаа на животот, беа посреќни. Денес, во ова време некако сѐ е поинаку и владеат други критериуми за убав и исполнет живот.
Ве врати ли оваа претстава на убавите времиња на Драмски, кога постојано имаше публика на претставите и кога се бараше билет повеќе?
СТОЈАНОВСКА: Јас ја имав таа среќа да бидам дел од екипата на Драмски театар во неговата златна доба, кога не само што се бараше билет повеќе, туку имаше и препродавачи на карти. Нормално беше во кината, на времето, да има препродавачи, но во театар, беше малку чудно. Тоа беа убави времиња, исполнети… Салите беа полни, никогаш не сме играле пред малку публика, имаше многу премиери, сите беа среќни и исполнети. Тоа беа убави времиња и се надевам дека ќе се вратат. За среќа, Драмски театар никогаш немал проблем со посетеност на претставите.
Што е тоа што Вам Ви недостига во Скопје денес?
СТОЈАНОВСКА: Среќни луѓе. Луѓе со дух, луѓе што се смеат, кои уживаат во животот. Ми недостигаат насмеани лица. Јас не излегувам многу, мора да признаам, не се дружам многу, но кога и да излезам по улиците на мојот град тоа што ми недостига е насмевка на лицата. Многумина си заминаа од државата и тоа е тоа што не ме прави среќна, да бидам искрена. Во потрага по подобар живот, по подобра егзистенција, се разбира, луѓето заминуваат. Ако сакаат да имаат нормален живот, да формираат семејство, да имаат деца и да им овозможат живот каков што заслужуваат, а не можат да обезбедат услови овде, тогаш тие излезот го бараат надвор.
Како е да растеш како ќерка на Ацо Јовановски и подоцна да бидеш и сопруга на Ненад Стојановски, кој за жал, прерано почина?
СТОЈАНОВСКА: Јас одамна го надминав тоа – ќерка на Ацо Јовановски, сопруга на Ненад Стојановски. Јас татко ми го гледав еднаш неделно од мојата осма година, откога моите родители се разведоа, и уживав во секој момент поминат со него. Пораснав во театарот, ги знаев сите претстави наизуст, ги засакав луѓето во Драмски, мирисот на театарот и, логично, решив мојот професионален живот да го поминам таму. Со Ненад се сретнавме во Драмски, се роди симпатија, љубов, страст, продолжи со брак, во кој се родија две прекрасни ќерки, Јана и Ана. Нашите патишта секако ќе се вкрстеа еден ден и така се случи. Никој не треба да бега од своите корени, традицијата е исклучително важна работа. Jас сум горда на својот татко, горда на Ненад, кој, за жал, почина прерано. Верувам дека денес се ќе беше поинаку ако тој беше жив.
разговараше: Александра М. Бундалевска
фото: Александар Ивановски
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.