| четврток, 6 декември 2018 |

Рамковниот договор го запира Села да ги промени имињата на улиците во Струга

zijadin sela

Имињата на училиштата и на улиците во Струга треба да се менуваат затоа што повеќето од нив влечат корени од претходниот режим, кога Македонија беше во рамките на СФРЈ, а од друга страна во градот нема улица што носи име на истакнат Албанец, смета струшкиот градоначалник Зијадин Села.

Според него, како што јавува дописникот на МИА, називите треба да ги предлагаат етничките заедници што живеат во градот.

– Кога сме за демократија и за овој систем и кога сакаме да заборавиме на претходниот систем, не треба да си дозволиме да имаме имиња од претходниот систем. Граѓаните имаат право да поднесат иницијативи за менување на имињата. Еве, на пример, училиштето „Јосип Броз Тито“ го носи името на маршалот, на претседателот на Југославија. Има многу граѓани што трпеле од  тој систем. Не е во ред дете на некој што бил политички затвореник од тоа време да учи во училиште што го носи името на тој претседател – вели Села.

Истиот проблем, вели тој, се јавува и со имињата на улиците во градот за кои, како што додава, не одговараат на современите пригоди.

– Дали е во ред, во град каде што преку 51 процент живеат Албанци и каде што 35-36 проценти се Македонци, а живеат и Власи, Турци, да нема улица што ќе го носи името на некој Албанец што вреди. Има имиња на Македонци, Срби, има улица „ЈНА“, но нема ниту една улица со албанско име – додава струшкиот градоначалник Села.

Проблемот со имињата, според него, лежи во Охридскиот рамковен договор, бидејќи како што вели, за промената е неопходно двојно мнозинство.

– Како пратеник сакав да предложам закон со кој би се укинале сите имиња на улици и на локалните власти да им се даде време од две години за да најдат компромис за имињата на улиците, а ако не се најде компромис, улиците да се именуваат со бројки. Има многу лауреати од Струшките вечери на поезијата, кои можеме да ги поставиме како имиња на улици – смета Села.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top