| четврток, 6 декември 2018 |

Економската дипломатија меѓу приоритетите на Наќева-Ружин, новата амбасадорка во Шведска

svedska

Економската дипломатија, пред се промоција на домашните компании, изнаоѓање бизнис партнери и продлабочување на трговската соработка, ќе биде еден од приоритетите на новоименуваната амбасадорка на Република Македонија во Шведска и Финска Александра Наќева-Ружин.

Наќева-Ружин денеска, на работна средба во Стопанската комора, им порача на компаниите дека може да сметаат на неа како на сериозен поддржувач независно дали ќе имаат потреба од истражување на шведскиот пазар, воспоставување и развивање деловни врски или претставување на своите производи и услуги.

– Шведска е мала, но отворена економија, една од најздравите во светски рамки. Иако сме на релативно голема оддалеченост, што е вид хендикеп, сепак, можностите и потенцијалот за соработка се огромни, истакна амбасадорката.

Виното, храната, обувките, се само некои од производите што Македонија може да и ги понуди на Шведска. Голем потенцијал има и турзимот.

– Не треба да се плашиме дека шведскиот пазар е недопирлив за нас. Потребен е само исклучително сериозен пристап во работата што подразбира стандарден квалитет и навремена испорака, рече извршниот директор на кожарата „Димко Митрев“ од Велес Атанас Киров, која 20 години извезува во Шведска.

На „Димко Митрев“ воедно отпаѓаат 50 отсто од вкупниот македонски извоз во оваа нордиска земја.

– Сакам да ги охрабрам нашите компании кои планираат да соработуваат со Швеѓаните тоа поскоро да го сторат. Нашата кожара остана единствена од сите 116 во поранешна Југославија и опстана благодарение токму на нив. Воспоставивме здраво партнерство и веќе две децении одлично функционираме. Тие се навистина заинтересирани за нашите производи, тоа и го покажуваат кога ќе дојдат во Македонија, нагласи Киров.

Една од македонските компании, која исто така извезува 20 години во Шведска, е и „Витаминка“.

Во текот на дискусијата, од прилепската фабрика за текстил „Комфи – Ангел“ најавија нов производ со додадена вредност наменет исклучиво за шведскиот пазар, со повисока цена, кој ќе ги задоволи тамошните стандарди за квалитет. Тур операторите, пак, побараа од Наќева-Ружин да се заложи за претставување на македонските туристички потенцијали и изготвување студија за трендовите во туризмот во Шведска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top