| четврток, 6 декември 2018 |

Шулц пред ПССЕ: Балканските земји ќе бидат дел од идната структура на ЕУ

martin sulc

Европскиот парламент и ПССЕ се природни партнери, изјави претседателот на Европскиот парламент пред парламентарците од 47 земји-членки на Советот на Европа. Пред нив, Мартин Шулц јасно кажа дека сите земји од Балканот ќе се најдат во идната структура на Европската унија, јавува дописникот на МИА од Стразбур.

Мартин Шулц притоа изрази надеж дека соработката меѓу двата соседи ќе се развива и засилува, која веќе се покажа на дело при набљудувањето на изборите, како и синергијата во областа на почитувањето на човековите права.

Претседателот на Европскиот парламент во таа пригода обраќајќи им се на пратеницте од земјите од Балканот јасно кажа дека сите тие ќе се најдат во идната структура на Европската унија.

– Земјите од Западен Балканот, порано или подоцна, треба да имаат она што јас не сакам да го нарекувам „европска перспектива“ бидејќи тие зборови не се многу јасни. Дали тоа значи дека тие треба да се гледаат во Европа преку планина, кога зборуваме за европска перспектива?

– Земјите од поранешна Југославија, кои сега ги нарекуваме земјите од Западен Балкан, и соседните земји, еден ден ќе побараат да станат членки на Европската унија, но тоа ќе зависи од нивниот капацитет да ги апсорбираат заедничките придобивки, од нивниот економски развој. Значи, патот можеби ќе биде долг, но идната структура на Европската унија, според мене, ќе ги опфати овие земји – вели Шулц.

Советот на Европа со своите надлежности и структури е најповикан да се изјасни за почитувањето на условите од Копенхаген, борбата против корупцијата, организирaниот криминал или почитувањето на човековите права. Според претседателот на ЕП, идното прифаќање од страна на Европската унија на Европската конвенција за човекови права ќе биде „историска етапа“ на патот за поголeмо приближување меѓу двете организации.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top