
Долгите зимски месеци или, пак, почетокот на пролетта се совршено време за годишно чистење на орманот. Но, многумина од нас често се колебаат што да фрлат од тоа што го имаат во гардероберот, што да подарат некому, а што дури да продадат.
Не треба да сте моден експерт за да забележите дека модните трендови од сезона во сезона само се повторуваат, некои дури и се враќаат. Па, така, ако не сте ги фрлиле карираните панталони што ги носевте во средината на 90-тите години на минатиот век, сега слободно може да ги облечете повторно. Карираното повторно е во мода.
Трендовите се враќаат, а тоа значи не вакуумирајте ги во пластична вреќа карираните креации, тие со метален отсјај и креациите во стилот на пижами. Нека ви бидат на дофат на рацете и во предниот дел од плакарот.
Се носи карирано

Оваа пролет и лето ќе се носи карирано. Дизајнерите овој дезен посебно им го препорачуваат на деловните жени во елегантни креации, а ќе се носи и како секојдневна облека и како облека за вечерно излегување.
Креации во стилот на пижами

Тие што не сакаат да стануваат од кревет и некако уживаат во пижами, овој стил навистина ќе им дојде добро.
Удобна, широка гардероба која многу потсетува на пижами е во мода оваа сезона, а ќе биде во тренд и следната. Ако се сеќавате, слична беше модата и во средината на 90-тите години на минатиот век.
Креации со метален отсјај

Сјајните ткаенини кои нѐ воодушевуваа оваа зима, ќе се носат и напролет, само што ќе бидат уште повпечатливи и посјајни. Колку посјајно толку подобро!
Креации со цветен дезен

Кој може да им одолее на цветните креации? Има толку многу цветни дезени што е невозможно да најдете некој што нема да биде по ваш вкус. Цветни сакоа, панталони, јакни, фустани… Ништо од тоа не отпишувајте го за сезоната што следува.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


