| четврток, 6 декември 2018 |

Коце Трајановски ќе прави фасада на семејната куќа на Андреј Жерновски

andrej i koce1

Коце Трајановски „планира“ нова фасада и за домот на Андреј Жерновски. Семејната куќа на градоначалникот на Центар е еден од 19-те објекти за кои Градот завчера објави тендер во кој бара идејно решение за нов изглед. Објектот е влезен во програмата заедно со неколку објекти кои гравитираат околу планираниот плоштад ВМРО, односно спроти седиштето на владеачката партија, јави ТВ Алфа.

АЛФА побара став од Андреј Жерновски преку службите во општина Центар. Од таму најавија детален одговор, но за утре.

– „ Градоначалникот Жерновски утре ќе даде изјава на темата. Несфатливо е сепак како некој може да одлучува за нечија приватна сопственост, особено што се работи за наследена куќа стара 70 години“ – информираа усно од општина Центар.

Зошто во програмата е влезен и овој објект, особено со оглед на спротиставените ставови за фасадите меѓу Центар и Градот, прашавме кај службите на Градоначалникот Трајановски. Одговор, барем до попладнево, не стигна.

Завчера, кога беа објавени тендерите, од Градот објаснија дека изборот на идејните решенија за 19 објекти се практично реализација на неодамна усвоена програма. Потребата од нови фасади ја правдаат со нивната дотраеност а за новиот изглед ќе ги консултирале и сопствениците на засегнатите објекти.

– „ Град Скопје во текот на постапката за избор ќе вклучи делегирани преставници на приватните објекти во комисиите за избор, со што ќе им биде овозможено директно да учествуваат во изборот на идејните решенија.“- одговорија меѓу другото од Град Скопје на прашањата на АЛФА на 27.01.2014

При досегашните фасадни реконструкции на Градот во центарот на Скопје се бараше и согласност од станарите за да може да изведе предвиденото. Дали ќе биде така и овој случај засега нема официјален став.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top