| четврток, 6 декември 2018 |

Повеќе од едeн милион лица бараат Бразил да му даде азил на Едвард Сноуден

Преку еден милион лица ја потпишале петицијата во која се бара Бразил да му даде азил на поранешниот соработник на американската Агенција за национална безбедност (НСА), Едвард Сноуден, пренесоа француските медиуми повикувајќи се на веб-сајтот за петиции „Aваз“.

Пуштена во оптек на крајот на декември минатата година, оваа петиција до понеделникот била поддржана со потписите на 1.06 милион лица низ светот. Сега целта е да се соберат 1,25 милион потписи.

Барањето, упатено до претседателката на Бразил, Дилма Русеф, и до министерот за правда, Жозе Едуардо Кардозо, гласи: „Како граѓани на светот зачудени од масовното прекршување на правото на личен живот, Ве молиме да му дадете азил на Едвард Сноуден. Како лидер во светската борба за слободен интернет и за зачувување на приватниот живот на одделните личности Бразил е идеалното место за азил“.

Во отвореното писмо до Бразилците, објавено во декември, Сноуден, кој до август има привремен азил во Русија, изјави дека Бразил како држава има силни традиции на давање азил и е една од „најинтересните и благородни демократии во светот“.

Дилма Русеф се пожали во својата татковина и во ОН на американската шпионажа, која, според откритијата на медиумите, кои беа информирани од документите на Сноуден, ги засега комуникациите на самата претседателка, на државната нафтена компанија Петробраз (Petrobras) и на бразилските граѓани.

Шефот на државата, меѓутоа, засега одбива да се изјасни за евентуалниот азил за Сноуден бидејќи Бразил немал добиено вакво барање, потсетуваат француските медиуми.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top