| четврток, 6 декември 2018 |

Новото работно место на Сузана Спасовска

Легендарната фолк-пејачка Сузана Спасовска од неодамна работи како пејач-солист првенец во „Танец“. Директорот на овој Ансамблот за народни песни и игри на Македонија, маестро Зоран Џорлев, вели дека во годината во која одбележуваат 65-годишно постоење неопходно било да ги засилат редовите, а Спасовска била идеалниот кандидат за таа позиција според она што се барало на конкурсот бидејќи посебните услови пропишани за позиција ги исполнувала од прв до последен.

– Уште од времето на Петранка Костадинова местото пејач-солист првенец е испразнето. Имавме конкурс, Сузана Спасовска беше единствениот пријавен кандидат кој ги исполнуваше строгите услови за тоа место. Најверојатно беше единствен кандидат бидејќи критериумите беа многу строги и специфични, па веројатно повеќето уметници не ги исполнуваат условите и не можеле ни да се пријават и тоа да е врвен и вонреден талент, да има уметнички остварувања, да е реномирана личност од областа на народната музика, да има освоено врвни награди и општествени признанија, да е голем авторитет во областа на народната музика, да го познава репертоарот на Танец и да има настапувано со ансамблот. Сузана беше и на аудиција како што беше предвидено пред комисија и од декември е дел од нашиот тим, а учествуваше и на новогодишниот концерт на Танец – вели Џорлев за „Вечер“ и додава дека годинава ќе имаат многу проекти, а во многу од нив ќе биде вклучена и Спасовска. Како што вели директорот на „Танец“, кај нив работното време е флексибилно затоа што е таква природата на работата и потенцира дека сите вработени во оваа Национална установа се водени од девизата ред, работа и дисциплина затоа што, според него, само така можат да ги остваруваат зацртаните цели.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top