| четврток, 6 декември 2018 |

Русин уапсен во САД, подготвувал терористички напад

lisici

Владислав Мифтаков, 19-годишно момче од Русија, е уапсено во САД поради подготвување на голем терористички напад во градот Алтуна, во сојузната држава Пенсилванија, јавува дописникот на МИА од Вашингтон.

Полицијата соопшти дека Мифтаков бил под истрага поради одгледување марихуана во подрумот на семејниот дом, но при полициската рација биле откриени експлозиви и материјал за подготовка на бомба.

Во куфер пронајден во подрумот на момчето била пронајдена бомба, за која полицијата соопшти дека веќе била подготвена за употреба, и морала да биде демонтирана од страна на експертите на полицијата.

Мифтаков во САД престојувал како студент, и го посетувал универзитетот Пен Стејт Алтуна, каде студирал инженерство.

Полицијата соошти дека материјалите за изработка на бомбата момчето ги набавило преку интернет, во изминатите неколку недели. Засега нема информации за можниот мотив на Мифтаков.

Медиумите во САД постојано предупредуваат на терористичките закани поврзани со Зимските олимписки игри во Сочи.

Воедно, се уште се свежи сеќавањата на терористичкиот напад во Бостон минатиот април, кога браќата Џохар и Тамерлан Царнаев, етнички Чеченци, бегалци од Русија, подметнаа бомби од кои загинаа три лица, а над 260 беа ранети.

Бомбашки напад вчера беше избегнат во Мериленд, каде напаѓач вооружен со пушка нападна свои роднини во преполн трговски центар во градот Колумбија во близина на Вашингтон. Напаѓачот уби две лица, и се самоуби, а полицијата подоцна откри дека со себе носел две рачно направени бомби кои не стигнал да ги активира за време на нападот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top