| четврток, 6 декември 2018 |

Вработен во АРМ заболен од мали сипаници хоспитализиран на Инфективна

Триесет и шестгодишно лице вработено во Армијата на Република Македонија во Скопје е заболено од мали сипаници (морбили) и е хоспитализирано на Клиниката за инфективни болести.

Лицето е по потекло од Македонска Каменица каде, како што велат од Министерството за здравство, се преземени мерки за проверка на сите контакти кои ги имал за да се спречи ширење на морбили. Тој е вакциниран со една доза на МРП вакцина, а нема податок дека патувал надвор од државата.

Д-р Јованка Костовска од Министерството за здравство на денешната прес-конференција истакна дека според протоколите за постапување при појава на случај на лице заболено од морбили кој работи во колектив и каде е можно ширење на морбилите и кај останатите вработени и евентуално појава на епидемија потребно е веднаш да се преземат мерки.

Комисијата за заразни заболувања при Министерството за здравство им препорача на  Воено медицинската установа и ГШ на АРМ веднаш да превземат мерки за итна вакцинација на вработените во овој колектив со по една доза на МРП вакцина.

– По еден месец секој од нив да донесе вакцинален статус за претходната состојба со вакцинација против морбили за да се знае дали ќе треба да примат уште една дополнителна доза. Доколку претходно имале примено не е потребна дополнителна доза, рече Костовска.

Во контекст на тоа, додаде дека засега се оди со по една вакцинација за сите кои биле во најблизок контакти со заболеното лице, а понатаму и на останатите за да може да се спречи ширење на епидемија на морбили во тој колектив.

Следната препорачана мерка, како што истакна Костовска, е да се следат сите вработени во колективот и при најмал сомнеж на можност на клиничка слика за заболен од морбили веднаш да се изолира и да се земе материјал за анализа.

– Во целата држава се препорачува да се зголеми надзорот на лекарите над сите случаи со исип за можност од појава на морбили бидејќи вработените во АРМ каде има заболен од морбили одат за викендите во градовите каде што живеат и доколку биле во фаза на инкубација може да го прошират заболувањето – нагласи Костовска.

Службите за вакцинација во Македонија се задолжени да проверат сите деца до 14-годишна возраст доколку имаат пропуштена некоја од вакцините на морбили веднаш да се вакцинираат.

Костовска додаде дека од време на време се јавуваат по еден до два изолирани случаи на морбили во Македонија.

– Оваа година има четири случаи на морбили кои не може да се повразт еден со друг. Морбилите се најконтагиозни пет дена пред исипот и пет дена по исипот – рече таа.

Појасни дека кога лицето е заштитено со две дози на МРП вакцина не би требало да се вакцинира, освен во услови на епидемија, односно кога морбилите се јавиваат во епидемиска форма.

Директорот на Клиниката за инфективни болести Звонко Миленковиќ рече дека состојбата на пациентот кој е хоспитализиран на Клиниката со мали сипаници (морбили) е задоволувачка.

Комисијата за заразни заболувања и денеска заседава во прошитен состав заедно со министерот за здравство, претставник од Министерството за одбрана, од Генерал штабот и од Воено медицинската установа за, како што рече Костовска, да се спречи евентуалното ширење на морбилите.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top