Сите ние сме различни, некои повеќе сакаат слики како уметнички експонати, некои скулптури, а некои уметнички инсталации. Инсталациите сами по себе претставуваат комбинација од разни медиуми на изразување и, по дефиниција, заземаат голем простор. Инсталациите најчесто се полни со искуство, интерактивни и на посетителите им пружаат доживување во повеќе нивоа, спојуваат нешто што не се спојува – како различни материјали, на пример. Тие се посебни бидејќи, со оглед на големината, често се изработени само за едно место, време, институција или само за една цел. Тоа ги прави уникатни.
Ви ги прикажуваме најубавите и најспектакуларните уметнички инсталации што беа прикажани низ светот во минатата година.
Шарена улица од чадори за дожд во Португалија
Секој јули португалското гратче Агеда оживува на посебен начин, и тоа со помош на шарени чадори за дожд кои се обесени над неговите улици. Една продуцентска куќа инспирирана од истата идеја, по повод уметничкиот фестивал „Агитагуеда“, создаде весела инсталација составена од илјадници чадори за дожд кои висеа над главните улици на овој град за да го подобрат чувството на купувачите додека пазарат.
Фасада што се лизга
„Од колената на мојот нос до стомакот на моите прсти“ (From the Knees of My Nose to the Belly of My Toes) е името на интересниот надреален приказ на британскиот дизајнер Алекс Чинек, кој направи фасада што се лизга. Тој на уверлив начин прикажува фасада што изгледа како да се лизнала од зградата. Чинек одбра една напуштена четирикатна зграда во Англија, во која никој не живеел 11 години. Тој на инсталацијата работел една година. Фасадата што се лизга привлекува огромно внимание.
Паднати луѓе
Британските уметници Енди Мос и Џејми Вордли се автори на впечатливата уметничка инсталација која ги претставува денот Д и нападот на Нормандија. Инсталацијата ја реализираа на плажата Ароманш во Франција. Оваа уметничка двојка го осмисли целиот концепт под името „Паднати“, и тоа по повод Светскиот ден на мирот, кој се одбележува на 21 септември. Паднатите луѓе покажуваат што се случува кога го нема мирот.
Во орбитата
Најголемото и најамбициозно дело во кариерата на аргентинскиот уметник Томас Сарацено е огромната конструкција која е поставена во музејот „Стандехаус“ во Диселдорф, Германија.
Посетителите можат да се качат на 25 метри височина стоејќи на огромната метална конструкција која се протега на три нивоа, а тежи три тона. Над конструкцијата има огромни ПВЦ балони кои посетителите, исто така, можат да ги користат.
Вечни велосипеди
Кинескиот уметник и активист Аи Веиваи постави нова верзија на својата позната инсталација „Вечни велосипедисти“ во Торонто. Настанот се одвива цела ноќ, на улиците на Торонто и точно 3.144 велосипеди беа дел од инсталацијата на Веиваи.
Куќа во куќа во куќа
Националниот музеј на модерна и современа уметност во Сеул беше домаќин на инсталацијата со која уметникот До Хо Су ги претстави двете куќи во кои живеел порано. Куќите се наоѓаат една во друга и се претставени во размер 1:1. Првата е традиционална корејска куќа во која авторот израснал, а втората е модерно и големо здание од неговиот прв дом во Америка.
Бесконечна соба – души оддалечени милиони светлосни години
Инсталацијата „Бесконечна соба – души оддалечени милиони светлосни години“ е уметничка инсталација на уметникот Јајои Кусама и вклучува стотина шарени лампи со ЛЕД обесени на различна висина – од таванот до подот – и ѕид од огледала кои прават просторијата во која е поставена инсталацијата да изгледа како вечност. На подот се наоѓа плиток базен со вода во која се рефлектираат ламбите. Просторијата е со облик на коцка и е обложена со огледала.
Дождлива соба
„Дождлива соба“ е инсталација на лондонскиот уметнички колектив „Рандом интернешнел“ која на посетителите им овозможи да уживаат во дождот без да се наводенат и да бидат мокри. Прво беше прикажана во центарот „Барбакан“ во Лондон, а потоа во Њујорк, во привремената галерија која се наоѓа покрај Музејот на современа уметност.
Недопрена светлост
Уметничката галерија на Универзитетот „Рајс“ во Хјустон, Тексас, на посетителите им пружа уметнички експонат кој ги носи во светот на светлината, сенките и на боите. Лебдечката инсталација под името „Недопрена светлост“ е дело на уметникот Со Сани Парк, кој ја направил од парчиња железни прачки и плексиглас. Посетителите на галеријата имаа можност да влезат во просторот за да видат како се менува природната светлина кога се гледа од одреден агол или во различен дел од денот.
(Пишува: Александра М. Бундалевска
Текст објавен во 72. број на неделникот „Република“, 17.01.2014)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст