
Промените во температурата на воздхот се штетни за есенските посеви, за јачменот и за пченицата, но не и за овошките. Зимата календарски уште трае, имаме уште шанса за студени денови, така што ситуацијата не е алармантна, вели Ангелко Англевски, агрометеоролог во Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Цела седмица температурата во земјава е повисока од вообичаено, а метеоролозите најавуваат заладување за викендов. Се спомнува и снег на повисоките планини. Температурата, која оваа недела достигна и до 18-19 степени, викендов би требало да се намали за десетина степени, најавуваат од УХМР.
– Овошките и виновата лоза се стабилни, не се загрозени сѐ уште бидејќи очекуваме уште ладни денови. Инцидентно, имаше по некое расцветано дрво слива, но тоа не е масовно, што значи дека родот не е упропастен. Но, треба да се напомене дека кога во ова време некое дрво ќе расцета, неговиот род е уништен – објаснува Ангелевски.
Ваков пролетен јануари го зафати целиот регион, а на Баланот за викендот најавуваат снег.

– Има најави за снег, но можно е тој бран да ја одмине целата земја. Пострашно е тоа што нема влага во почвата. Тоа значи дека следи суша, растенијата нема од каде да црпат вода. Овие врнежи што ги имавме во периодов не ја поправија многу сликата. Но, зимата е пред нас, има најмалку уште два месеца, да се надеваме дека состојбата ќе се подобри – објаснува Ангелевски.
Иако јануари е при крај, во Македонија сѐ уште нема вистинска зима. Пред неколку дена, на 19 јануари, во Битола беа измерени неверојатни 18,5 Целзиусови степени. Ова е највисока температура во Битола во јануари во последните 14 години.
Високата температура, која достигнува и до 19 степени, е идеални за развој на вирусите и бактериите кои негативно влијаат како на луѓето, така и на животните и на растенијата. Магливото време долго нѐ мачеше во градовите, но, за среќа, таа спаси дел од есенските посеви во Пелагонија и во Овче Поле.
– Маглата која ја имаше во Пелагонија и во Овче Поле не дозволи високите температури да се спуштат пониско, односно таа успеа на еден начин да ги спаси есенските посеви во овој дел на Македонија – вели Ангелевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


