| четврток, 6 декември 2018 |

Јанакиески: Продолжуваат инвестиците во инфраструктурни проекти

Во следните неколку месеци очекувам да бидат финализирани деталите и условите за концесионирање на патниот правец Гостивар-Кичево, дел од патниот Коридор 8, вели министерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, во интервју за МИА.

Во тек е, посочува, реализацијата на активностите по договорот кој го потпишавме со Меѓународната финансиска корпорација (IFC) за советодавни услуги во однос на реализацијата на предвидениот проект за изградба, одржување и наплата на патарини на оваа делница. Дополнително, Меѓународната финансиска корпорација ќе ни дава и советодавни услуги во однос на можностите за концесионирање на делницата Скопје-Блаце, до границата со Косово.

– Меѓународната финансиска корпорација, која функционира при Светска банка, е најголемата глобална развојна институција, фокусирана исклучиво на приватниот сектор во земјите во развој и финансира и обезбедува советодавни услуги кои се однесуваат на проекти основани на јавно-приватно партнерство, а преку својата советодавна активност им помага на владите да создадат услови кои го стимулираат доаѓањето на домашни и странски приватни инвестиции. Тие ги изработија потребните студии и техничко-сообраќајни анализи за делницата Гостивар-Кичево и во финална фаза е структуирањето на проектот со цел транспарентен, фер и компетитивен процес за привлекување приватен партнер за изведување на проектот – наведува Јанакиески.

Во следниот период, истакнува, продолжува инвестицискиот бран од над милијарда евра во инфраструктурни проекти. Годинава очекува уште повисок раст на градежништвото бидејќи, како што вели, ќе почне изградбата на двата нови автопатишта Миладиновци-Штип и Кичево-Охрид за што беа потпишани договори во декември 2013 и ќе продолжи изградбата на автопатот Демир Капија-Смоквица. Исто така, ќе се врши изградба, реконструкција или рехабилитација на нови 63 километри патишта, меѓу кои и делниците Велес-Катланово и Миладиновци-Куманово, дополнително на ова ќе се гради магистралната гасоводна линија од Клечовце до Штип, a повеќе од сигурно е дека ќе почне изградбата на пругата кон Бугарија. Сето тоа укажува дека градежништвото ќе биде двигател на економијата и во 2014 година – оценува министерот за транспорт.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top