| четврток, 6 декември 2018 |

Милошоски: Кандидатот за претседател нема да ни го избира ДУИ

Ермира Мехмети и други функционери на ДУИ може да имаат свое мислење, симпатии или антипатии за некој политичар, но како членови на раководство на друга партија не би требало да имаат поголемо одлучувачко право за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ од самите членови на нашата партија, од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ или од партиското раководство

Самарас не ги признава Македонците, ги смета за второкласна нација и тоа е основниот став зашто одбива да се сретне со легитимно избраните претставници на македонскиот народ, вели поранешниот шеф на дипломатијата, Антонио Милошоски. Според претседателот на Комисијата за надворешна политика во Собранието на Македонија, со вето во НАТО и со попречување за ЕУ Самарас очекува Македонија да западне во внатрешни тензии, меѓуетнички конфликти, да ослабне и да клекне на колена да ја моли Атина за прием во НАТО и во ЕУ. Доколку има предвремени парламентарни избори, очекува задржување на сегашниот баланс на политичките партии од власта и опозицијата, со мали варијации од плус или минус 3-4 пратеници споредено со сегашниот број пратеници на политичките партии. Вели, од ДУИ досега, освен промовирање на принципот за консензуален кандидат, не дале никаков предлог до ВМРО-ДПМНЕ за кандидат за претседател.

 

По партиската надворешна политичка кампања што ја водеше ДУИ, при што министри од ДУИ патуваа во Атина, а лидерот Али Ахмети од Софија ни порача кој е последниот предлог на посредникот Метју Нимиц, за Божик и СДСМ во дипломатска офанзива во Брисел. Ѝ помагаат ли таквите дипломатски излети на македонската позиција во спорот за името?
Милошоски: Секој политички чинител со добра волја може да ѝ биде од полза на Република Македонија на меѓународната сцена. Споменатите меѓународни активности на претставниците на ДУИ и на СДСМ можат да бидат од помош за Република Македонија само доколку се говори во еден глас со Министерството за надворешни работи и се застапуваат заедничките начела на државните интереси на земјата. Доколку тоа не е случај, доколку постои разногласие во меѓународните настапи на СДСМ или на ДУИ, или, пак, меѓупартиски или меѓунационални подметнувања на сметка на државните интереси, тогаш тоа повеќе би личело на паралелна дипломатија од која државата би имала помалку ќар, а повеќе зијан. Претседателот на ДУИ најавуваше одредени резултати од неговите активности во Атина, Хаг и во Софија, но засега нема нешто позабележително. Заев и Шекеринска го видоа Филе, и Филе ги виде нив, па останува да се надеваме дека сега им е појасно зошто Македонија по петти пат добива позитивен извештај од Европската комисија и кој ја блокира одлуката во ЕУ за почнување на пристапните преговори. Во однос на спорот за името, и СДСМ и ДУИ имаат една сличност, а тоа е што двете партии тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ има тврди ставови во однос на надминувањето на овој проблем наметнат од Грција. Таквите тврдења на меѓународен план не ѝ помагаат на Македонија, но на домашен терен ние можеме да се носиме со тоа.

Како го толкувате ставот на Андонис Самарас негови министри да се среќаваат со македонски колеги, а тој лично да одбива директна средба со македонскиот премиер Никола Груевски? Како страв од македонските аргументи, опасност за неговата слика на тврдокорен националист или нешто трето?
Милошоски: Самарас не ги признава Македонците, ги смета за второкласна нација, и тоа е основниот став зошто одбива да се сретне со легитимно избраните претставници на македонскиот народ. Второ, уште во ноември 2004 година, откако САД го признаа уставното име на Република Македонија, грчките политичари донесоа одлука да ги прекинат билатералните посети со нашите избраници. Но, во последно време, официјална Атина поканува во официјални посети само функционери Албанци од Македонија, со што сакаат да создадат слика дека Албанците во земјава се конструктивни, додека Македонците и владата на Груевски се националисти. Тоа е само една провидна тактика на Атина која има цел да поттикне внатрешнополитички тензии и несогласувања меѓу Македонците и Албанците, што и не е некоја новост од јужниот сосед. Но, таквите византиски интриги се прочитани како буквар и намерата на Самарас нема да му успее.

Можно ли е Самарас да ги променил своите ставови дадени јавно во 2009 година кога индиректно, како тогашен министер за култура, најави дека за Грција е подобро да чека внатрешен конфликт со Албанците во Македонија? Тоа ли е суштината на грчката позиција кон нас?
Милошоски: Од 1991 до 1996 година официјална Атина, заедно со тогаш неприкосновениот Милошевиќ, силно работеше да не успее проектот независна Република Македонија и преземаше и дипломатски и разузнавачки дејства за нашата земја да остане во „мини Србославија“ или да биде поделена меѓу соседите. Еден од актерите во тоа националистичко танго со Милошевиќ беше токму Андонис Самарас, кој како тогашен министер за надворешни работи црташе нови граници врз грбот на Македонија. Денес Самарас веќе не ги игра игрите за гранични прекројувања на Балканот, но не направил потег, ниту, пак, дал изјава со која се откажал од неговите ставови за поделба на Македонија. Притисокот сега е сменет во друга насока, вето во НАТО и попречување за ЕУ. Со тие блокади Самарас очекува Македонија да западне во внатрешни тензии, меѓуетнички конфликти, да ослабне и да клекне на колена да ја моли Атина за прием во НАТО и во ЕУ. Тој денес, веројатно, ја препознава реалноста дека Република Македонија е и ќе биде држава, но презема чекори таа држава да биде што покревка, поразединета, внатрешно поделена и меѓународно слаба, т.е Самарас ја замислува Република Македонија како Република Кипар.

Antonio-Milososki-2

Венизелос најави доаѓање во Скопје во рамки на посетата како претседавач со ЕУ, има ли минимални шанси за Грција да ги помести радикалните црвени линии за името Македонија или ќе треба да чекаме промена на начинот на одлучување за влез во ЕУ?
Милошоски: Најавеното доаѓање на Венизелос во Република Македонија очекувам да биде како рамка без слика. Грција нема да ги смени своите позиции во овие околности. Венизелос, исто така, е политичар од старата гарда во Атина, кој е соочен со страшен пад на рејтингот на ПАСОК и тој лично е на залезот на својата кариера. Се очекува изборите за Европскиот парламент во Грција да му бидат уште една политичка шлаканица од страна на конкурентската левичарска СИРИЗА. Во такви услови, не очекувам дека ќе видиме прагматизам или регионално лидерство од Грција. Промената на правилата во ЕУ ќе биде предолг процес, но промената на сликата и влијанието на Грција во ЕУ е нешто што секојдневно се случува. Грција веќе не е тоа што беше, старата слава заврши, а реалните проблеми станаа нејзина одлика. Очекувам ЕУ во следниве години да создаде подобри околности за примена на пресудата од Меѓународниот суд на правдата, каде што Грција и Македонија рамноправно ги соочија своите аргументи.

Зошто калкулира Европската унија и ја толерира Грција во спорот со Македонија иако знае дека Атина со децении безочно лаже не само за името, туку и за финансиите и за други проневери?
Милошоски: Грција беше милениче на ЕУ во времето на Студената војна и врз основа на таа геополитика успеа да се протне како член на ЕУ. Денес Грција веќе не е милениче на ЕУ, туку нејзин проблематичен член, но, сепак, членството и правото на вето ги употребува или злоупотребува како стекнато право. Згора на тоа, неколку влијателни членки на ЕУ не се заинтересирани за понатамошно проширување на ЕУ и тоа е момент кој Грција умешно го користи против Република Македонија. Трето, на Европската унија во моментов спасувањето на еврозоната и зачувувањето на социјалната стабилност на Грција ѝ е поважно од праведната кауза на Република Македонија. Но, наше е да продолжиме со добри резултати, со добри реформи, со уште посилно лобирање кај влијателните членки на ЕУ и секоја следна година да покажуваме дека иако е само кандидат за ЕУ, Македонија има подобри перформанси од Грција како членка на ЕУ. На крајот, што е наше, ќе си дојде.

Состојбата во евроатлантските интеграции силно влијае врз внатрешната состојба. ДУИ подолго време бара консензуалност при изборот на шефот на државата, притоа индиректно, па и директно, се заканува дека ќе ја напушти коалицијата ако ВМРО-ДПМНЕ не го прифати нивниот предлог за претседател на државата. Можеше ли да се очекува таков потег од коалицискиот партнер?
Милошоски: Во ДУИ се забележува одредена подвоеност во односот кон ВМРО-ДПМНЕ. Постои една помала група истакнати функционери на ДУИ кои сѐ уште жалат за нивната стара љубов со СДСМ, за нивната комоција во времето на нивниот заеднички мандат и токму тие нивни функционери се обидуваат да најдат изговори и причини за тензии или за раскинување на коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ. Евроатлантските интеграции понекогаш се користат како изговор во тој контекст. Ние не им се мешаме во нивните внатрепартиски случувања. Нам ни е важна изборната програма и нејзиното доследно остварување како должност кон довербата што сме ја добиле од граѓаните. Доколку ДУИ одлучи да продолжи да дејствува во рамките на коалицијата, ние сме подготвени заеднички да продолжиме кон остварувањето на изборната програма. Доколку, пак, ДУИ одлучи да ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ, ние сме подготвени и за таа опција и имаме капацитет да најдеме соодветно решение.

Колку на Македонија ѝ е потребна влада која би функционирала на принцип на уцени. Подготвена ли е ВМРО-ДПМНЕ да прифати кандидатот за претседател да биде избран со уцена од ДУИ?
Милошоски: Откако Груевски е на чело на Владата на Република Македонија, уцените не се продуктивна алатка за постигнување партиски цели надвор од договорениот концепт и програма за работа. Уцените може да произведат само контраефект и да ја нарушат воспоставената доверба. Досега таа рамнотежа меѓу партиските и државните цели и интересни се одржува на задоволително ниво иако често имаме различни ставови со ДУИ за повеќе прашања. Најактуелно деновиве е начинот на определување на кандидатот за претседател на Република Македонија. Предлогот за консензуален кандидат е новина во нивната агенда, но мислам дека не е разглобен од сите аспекти. Дали консензуален кандидат значи дека сите политички партии од власта и од опозицијата со консензус ќе застанат зад еден кандидат? Дали партиските елити ќе ја фрлат во сенка улогата на партиското членство и ќе избираат кандидат за претседател без нивно изјаснување? Дали консензуален кандидат за претседател е вовед и во консензуална демократија во државава? Дали тој предлог ќе биде условен со консензуален избор на претседател на Собранието, на претседател на Владата или на претседател на Уставниот суд? Како и да е, ВМРО-ДПМНЕ ќе има партиска конвенција за избор на кандидат за претседател на државата, каде што секој што мисли дека има капацитет за таа позиција ќе може да се пријави и ние ќе го задржиме тој начин на определување на кандидатот, каде што членството на партијата, а не партиските елити, ќе одлучи кој е најподготвен и најдостоен да влезе во овој важен изборен натпревар.

Што би значело тоа за македонската демократија и за политичкиот систем во кој Албанците, на пример, во духот на Охридскиот договор бараат работи за кои воопшто не е разговарано за време на неговото потпишување, а притоа во општините во кои дојдоа на власт, како, на пример, во Кичево, избркаа од работа голем број Македонци?
Милошоски: Кај одредени политичари Албанци постојат двојни аршини во однос на толкувањето на Охридскиот договор. Тестот за демократскиот капацитет на овие политичари Албанци се токму општините во кои Македонците се малцинство, каде што етничката припадност не смее да биде хендикеп кој ќе ги загрози правата на Македонците. Уште поголем тест за сите политичари што тврдат дека се залагаат за човековите права се и местата каде што сѐ уште, заради верата и етнополитиката, се загрозува правото на мајчиниот македонски јазик, како што се примерите во селата Боровец, Подгорци, Лабуништа, Бачишта и други. Албанците, кои најчесто се повикуваат на правото на мајчин јазик и го имаат тоа уставно право, не треба да дозволат со тоа право да им го загрозат правото на учениците што го говорат македонскиот јазик како мајчин јазик.

Antonio-Milososki-3

Вие не сте дел од извршната власт, но верувам дека како член на Извршниот комитет на партијата имате информации за односите со ДУИ. Добила ли ВМРО-ДПМНЕ предлог од ДУИ за консензуален кандидат за претседател?
Милошоски: Од ДУИ досега, освен промовирање на принципот за консензуален кандидат, не дале никаков предлог до ВМРО-ДПМНЕ за кандидат за претседател. Но, како што истакнав и претходно, секој што мисли дека може, сака и знае да биде кандидат на ВМРО-ДПМНЕ за претседател на Република Македонија, има отворени врати да се пријави на изборната партиска конвенција и да ја тестира довербата на делегатите и на членовите на ВМРО-ДПМНЕ. Во секој случај, конечната одлука ќе ја има партиското членство и јас сметам дека тоа е правилниот начин за избор на кандидат. Ермира Мехмети и други функционери на ДУИ може да имаат свое мислење, симпатии или антипатии кон некој политичар, но како членови на раководство на друга партија не би требало да имаат поголемо одлучувачко право за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ од самите членови на нашата партија, од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ или од партиското раководство. Дополнително, јавните пораки од ДУИ дека имаат нешто против претседателот Иванов и дека не би го поддржале него доколку повторно се кандидира беа примени како неоснована навреда и со ништо непредизвикано иритирање на нашата партија како коалициски партнер. Јавното прозивање личи на мешање во внатрепартиските работи на ВМРО-ДПМНЕ. Претседателот Иванов досега многу добро ги извршува своите уставни надлежности, ги претставува сите граѓани и државата на меѓународен план и не направил никому политичка или етничка штета на домашен план. Затоа, ако ДУИ имала или има каква било сериозна порака во врска со претседателот Иванов, посоодветно ќе биде дискретно да му ја пренесе нему или на раководството на ВМРО-ДПМНЕ наместо да испраќа пораки преку јавноста, кои се податливи за различни толкувања и за шпекулации.

Каков е ставот на ВМРО-ДПМНЕ за претседател зад кој ќе застанат сите политички партии?
Милошоски: Ако сите политички партии се договорат, нека им е со среќа, и на нив и на кандидатот за претседател. ВМРО-ДПМНЕ сѐ уште нема донесено одлука за тоа прашање, процедурите за избор на кандидат за претседател треба да почнат во текот на февруари, мислењето на граѓаните и на членството ќе ни биде важен фактор. Тоа што го знам е дека имаме добри човечки потенцијали за оваа позиција и сигурно двајца или повеќе кандидати ќе бидат во избор. Во однос на времето, како секоја коректна власт, ќе ѝ дадеме предност на опозицијата прва да го промовира својот кандидат за претседател, додека конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ очекувам конечната одлука и избор на кандидат да ги направи еден ден пред истекот на рокот за пријавување на кандидатите до Државната изборна комисија.

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во изминатиот период остваруваше средби со дел од опозициските партии со кои разговараше за консензуален кандидат. Во случај да излезат со заеднички предлог, какви се вашите процени, има ли шанси да го победат вашиот кандидат?
Милошоски: Кој кандидат за претседател ќе победи, ќе одлучуваат граѓаните, а не лидерите на политичките партии. ВМРО-ДПМНЕ смета дека на избори народот секогаш е во право и дека политичарите можат да погрешат, но избирачите не грешат. Според моите согледувања, кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ би имал многу добри шанси за изборен успех, се разбира со многу работа, добра програма, сериозен настап, минат труд и искрена политика во интерес на државата. И на Република Македонија и на граѓаните им треба чесен и принципиелен политичар, на кого државните интереси ќе му бидат врвен приоритет.

Дали развојот на настаните наведува на неопходност од предвремени парламентарни избори?
Милошоски: Тоа зависи од повеќе фактори, а пред сѐ од подготвеноста или неподготвеноста на опозицијата за предвремено соочување на парламентарни избори. Тука ставот на СДСМ се одликува со неконзистентност. Денес бараат избори, утре се закануваат со бојкот доколку има избори. Зависи и од односите во владината коалиција и од ефикасноста на функционирањето на Собранието и на Владата. Истовремено, треба да се земе предвид и стопанскиот аспект, односно дали за мала економија како македонската е подобро да имаме два изборни циклуса во рок од една година или, пак, би било посоодветно и поекономично да има спојување на претседателските и на собраниските избори. Како и да е, иако парламентарните избори не ни се приоритет, ВМРО-ДПМНЕ е подготвена за секој развој на настаните и доколку има основани или изнудени околности за таков разбој на настаните, ние ќе го прифатиме предизвикот со целата сериозност.

Постои ли опасност од неисполнување на цензусот во вториот круг претседателски избори ако нема истовремено и предвремени парламентарни избори?
Милошоски: Очекувам цензусот за претседателските избори да биде постигнат, пред сѐ заради изборната зрелост на македонските граѓани. Секој политички субјект што би дејствувал во правец на неисполнување на потребниот цензус, а со задна намера да оствари некој партиски или етно-политички профит, само ќе ѝ нанесе штета на Република Македонија, со намера да предизвика помала политичка криза во земјава. И оваа варијанта не е исклучена, особено ако се земе предвид дека некои политички субјекти претседателските избори ги гледаат како можност за испорачување партиски фактури како услов за постигнување на цензусот. Но, кој ќе се обиде да профитира на таков начин, тој може и да загуби најмногу во очите на јавноста и на гласачите. Изборите се можност и право за политички натпревар, а не за политички сопки на штета на државата. Секој што учествува на избори треба да е свесен дека може и да победи, но може и да загуби, и дека губењето на изборите не треба да биде изговор за нивно саботирање или бојкотирање. Истовремено, добри и успешни избори ќе бидат уште еден плус за Република Македонија во очите на европската јавност.

Како ја гледате политичката мапа на Македонија ако има предвремени избори? Има ли можност за значителна промена на политичката сцена и значително присуство на нови политички субјекти?
Милошоски: Доколку има предвремени избори за Собранието на Република Македонија, очекувам три работи. Прво, задржување на сегашниот баланс на политичките партии од власта и опозицијата, со мали варијации од плус или минус 3-4 пратеници споредено со сегашниот број пратеници на политичките партии. Второ, некои помали политички партии, како Либералната партија, Либерално-демократската партија, ДОМ, партијата на Руфи Османи, НСДП или Демократскиот сојуз, доколку сами настапат на евентуални предвремени избори, може да се соочат со слаби резултати кои би ги оставиле надвор од собраниските клупи. И трето, новите политички партии, како ГРОМ, Партијата за демократски просперитет и Позитивна Македонија, очекувам да имаат симболичен број пратеници во собранискиот дом, не повеќе од по два пратеници за секоја од овие партии. Во однос на СДСМ, во Собранието се забележува дека нивните пратеници не се компактни како група, па затоа очекувам неколку досега истакнати пратеници на СДСМ да не се најдат на кандидатските листи на Заев доколку имаме евентуални предвремени избори. Како и да е, доколку има парламентарни избори, би било очекувано Зоран Заев како претседател на партијата да биде кандидатот на СДСМ за премиер на државата. Сигурен сум дека Заев би бил многу мотивиран доколку имаме една таква евентуална изборна трка за нов избор на парламентот и за состав на нова влада.

Разговараше: Го­ран Мо­ми­роски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Антонио Милошоски е објавено во 72. број на неделникот Република)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top